Сириза повтори: Име со географска одредница за сите употреби

Име со географска одредница за сите употреби, а не само меѓу двете земји, е ставот на Сириза за прашањето за името на Македонија, кој го повтори Надија Валaвани, кандидат за пратеник на Коалицијата на радикалната левица.

Употребувајќи го речникот на досегашната Влада на Андонис Самарас, Валaвани во интервју за порталот „иефимерида“ го спомена и „порастот на иредентизмот на соседната земја“ со кој Грција „треба смирено да се справи и без националистички испади“.

- Генерално, националистичките страсти, кои повторно оживеаја на Балканот, се трн кој доколку не се лекува на време со ефективни билатерални и мултилатерални иницијативи, се заканува да ја поткопа секоја стабилност и можност да се решат отворените билатерални прашања не само за Грција, туку за сите земји во регионот, без исклучок, рече кандидатката на Сириза.

Според неа, иницијативата на Германија за Конференцијата на Западен Балкан, која се одржа минатата есен во Берлин, е заобиколување на институциите на ЕУ и „не помага за подобрување на односите меѓу земјите во регионот, особено во услови кога Германија е вклучена во меѓународни прашања, како што е името на Скопје“.

- Ние ќе ја браниме нашата земја од политика на недипломатија и од надворешна политика која се води преку телефонски разговори кои не даваат никаков ефект за интересите на луѓето и земјите, рече Валaвани.

Иако позицијата на Сириза за прашањето за името е јасна, Самарас синоќа на митингот во Солун не пропушти да ја нападне опозициската партија нагласувајќи дека немаат ист став. Не споменувајќи го конкретно проблемот со името, лидерот на Нова демократија го повтори неговиот радикален став дека „одлуката на грчкиот народ е да не преговара за историја, идентитет и јазик“.

МИА

 

 

Оцени ја веста

22.01.2015 - 13:37
Фото: 
сител

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега