На карневалот „Бамбурци“ продефилираа 500 маски

По улиците и на селскиот мегдан во Ратево, Беровско денеска во рамките на карневалот „Бамбурци“ продефилираа околу 500 поединечни и групни маски од Македонија, Србија и Бугарија.

- Месната заедница од Ратево и локалната самоуправа од Берово со заеднички напори успеаа локалниот селски обичај да го трансформираат во Малешевски карневал и да го запишаат во календарот на карневали на Македонија, рече претседателот на месната заедница Атанас Валмарски, на завршната свеченост на годинашново издание на карневалот „Бамбурци“.

Гостите и учесниците во програмата ги поздрави и им посака добредојде градоначалникот на Берово Драги Наџински, кој истакна дека општината и Министерството за култура и во наредниот период ќе го помагаат одржувањето на карневалот „Бамбурци„ во Ратево.

Во салата на културниот дом за сите учесници и гости беше приредена заеднича јованденска трпеза, при што на претсатвниците на групите им беа доделени награди и благодарници.

Официјалниот дел од програмата заврши со настап на КУД „Димитар Беровски„ од Берово, а неофицијално карневалската атмосфера продолжува до доцните вечерни часови со јованденска визита (физа) во домовите на ратевци кои го носат името Јован, Ванчо, Иван, Иванка, Јованка, Јованчо и други изведенки. Таму домаќините ги пречекуваат гостите со ракија и вино, баници, зелници, салата од компир и други специјалитети.

- „Бамбурци“ е древен обичај и влече корени од паганството, но со тек на времето се трансформирал и последниве неколку години се одржува на христијанскиот православен празник „Собор на Свети Јован Крстител„ (во Малешевијата попознат како Јованден), објаснува Марин Демировски, член на Организацискиот одбор на Ратевскиот карневал. 

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 21:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега