Охридските рибари со традиционално капење го слават Свети Јован Крстител

На Градското пристаниште во Охрид денеска по повод празникот Собор на Свети Јован Крстител точно на пладне почна уште една древна манифестација – традиционалното капење на охридските рибари во водите на Охридското Езеро.

Оваа манифестација е продолжение на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, односно фрлањето на светиот крст во водите на езерото во времето кога властите забрануваа верски одбележувања. Одреден број верници од Охрид и во тие времиња на Свети Јован скришно во раните утрински часови го фрлаа крстот во водите на езерото и на тој начин ја одржува традицијата.

Во минатото кога забраната за лов на пастрмката траеше еден месец со верскиот празник Свети Јован завршуваше мрестот на пастрмката односно „татиљот“ и почнуваше нејзиниот слободен излов од Охридското Езеро. Во поново време со денешниот ден, уште познат и како Денот на рибарите, се одбележува почетокот на ловот на охридската пастрмка за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Самата манифестацијата од година во година добива на масовност и содржајност и претставува уште една туристичка атракција, pоради големиот број луѓе кои независно временските услови влегуваат во водите на Охридското Езеро.

Организаторите на манифестацијата, Здружението на граѓани за целосна афирмација на МПЦ, „Богојавление“ и за денеска обезбедија буриња со вино за највештите кои први ќе допливаат до нив. Фрлањето на бурињата со вино во езерото е предвидено за во 14 часот.

Манифестацијата ќе биде збогатена со штандови на кои локалните угостители нудат бесплатно вино, греана ракија и риба плашица. Сите посетители на манифестацијата ќе можат да пробаат и од рибната чорба што во тритонски казан ќе ја приготвуваат наставници и ученици на Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“. Целата манифестација е своевидна сенародна веселба, проследена со староградска музика.

 

 

Оцени ја веста

20.01.2015 - 12:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега