Политички земјотрес во Чешка - премиерот нема да даде оставка по апсењето на негови соработници
По вчерашната полициска рација во седиштето на чешката влада, неколку државни институции и повеќе други простории, при што неколку високи функционери блиски на премиерот Петр Нечас беа уапсени, чешките медиуми пишуваат дека во земјата се случува „голем политички земјотрес".
Државниот јавен обвинител, Иво Иштван доцна синоќа соопшти дека во врска со полициската акција осум лица се притворени, против пет лица се покренати обвиненија, јави дописникот на МИА од Прага. Меѓу нив се актуелниот и поранешниот шеф на Военото разузнавање Милан Кованда и Ондреј Паленик, Директорот на владините служби за набавки Лубомир Поула, поранешниот министер и заменик министер за земјоделство, Иван Фукса и Роман Бочек, како и експратеникот Петр Тлухор.
Меѓу притворените е и шефицата на Кабинетот на премиерот, негова најблиска соработничка Јана Нагиова. Нагиова во медиумите се спојуваше и како главна причина за разводот на премиерот Петр Нечас и неговата сопруга со која има четири деца.
- Можеби се наоѓа во шок и не може да разбере дека неговата кариера заврши. Но, што побрзо му стане јасно, дека по она вчера не му останува ништо друго освен оставка, тоа подобро за него из а целата земја, коментира „Хосподареске новини".
Нечас на куса прес конференција, дури по осум часа од започнувањето на акцијата изјави дека нема намера да даде оставка, бидејќи не направил ништо нечесно и ги повика државните органи да ги соопштат своите причини за акцијата.
Речиси сите медиуми се сложуваат дека полициската акција, која се случува во чешката метропола, Централниот и Источниот дел на земјата треба да се покаже издржана, без никакви затајувања.
Инаку, припадниците на Единицата за борба против организираниот криминал извршиле претрес во неколку државни компании и приватни фирми кои се поврзани со познатите лобисти Роман Јаноушек и Иво Ритиг, кои се поврзуваат со повеќе јавни набавки на Градското собрание на Прага.