И Нимиц крева раце - Грција не сака решение на спорот
Грција дефинитивно не сака да се реши спорот за името во овој момент и покрај апелите од Европската Комисија, Европскиот Парламент, САД и останатата меѓународна заедница.
И на средбата со медијаторот Метју Нимиц со шефот на Македонската дипломатија Никола Попоски, се потврдени впечатоците дека на една страна во спорот е Македонија, која ги исполнува обврските и сака да се надминат разликите за името, а на другата е некооперативната Грција.
,,Од друга страна ја имате страната која го наметнала спорот, која во континуитет во овој временски период не ги почитува преземените обврски, не покажува доволна проактивност за надминување на спорот и очекува да игра на факторот време, до следниот Совет, односно да не се случи никакво придвижување, а на Советот да не биде донесена одлука за почеток на преговорите со Европската Унија‘‘, изјави Попоски.
Оттаму неизвесна е судбината на последниот предлог на медијаторот Нимиц, даден на 8. април годинава, од кој очекуваше повратни одговори од двете страни овој месец.
Според Попоски формирањето на Комисијата за настаните од 24 декември е значаен исчекор за земјава, но и за демаскирање на грчката политика.
,,Во подолг временски период тоа беше користено како затскриена причина или само како еден начин за извинување и заобиколување на логичната одлука за почеток на преговорите. Со креирањето на комисијата мислам дека тој аргумент е целосно елиминиран и во овие услови е демаскирата стратегијата, односно пристапот на оној кој не ни овозможува почеток на преговори, дека во континуитет само се бараат изговори‘‘, вели Попоски.
Самитот на Унијата се ближи, а според досегашните реакции Грција ќе мора најде друга причина, зошто одлуката за почеток на преговори со Македонија треба да се одложи, и покрај 4-те последователни препораки и поддршката на сугестиите на Еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој предложи преговори за членство, паралелно со решавање на спорот за името во раната фаза од процесот.