Австрискиот амбасадор се запозна со плановите на Заев

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Австрија во Македонија Томас Михаел Бајер.

Амбасадорот Бајер, како што соопштија од СДСМ, го поздравил формирањето на Комисијата за настаните од 24 декември и изразил очекување за ефикасност при нејзината работа.

Претседателот Заев, пак, посочил дека формирањето на оваа Комисија е нов поттик на евроинтегративниот процес и претставува основа за нормализирање на политичкиот дијалог во земјава.

- Напредокот на земјата во евро-интегративниот процес беше една од темите на средбата. Се разговараше за позициите на Македонија на престојниот Самит на ЕУ и се изразија заеднички очекувањата за конечно приближување на земјата кон Унијата, се вели во соопштението од СДСМ.

Претседателот Заев го запознал амбасадорот Бајер и за плановите на новото раководство на СДСМ за политичката насока во која треба да се движи партијата во иднина.

На средбата станало збор за прашања кои ги третираат односите меѓу Австрија и Македонија а се разговарало и за повеќе актуелни теми поврзани со економската и политичката состојба во Република Македонија.

најчитано сега