Објавен оглас за 20 социјални станови во Берово
Министерството за транспорт и врски објави оглас за распределување на 20 социјални станови во Берово во станбена зграда на улица „Моша Пијаде“. Становите се изградени по Програмата за изградба и одржување на станови сопственост на Република Македонија. Крајниот рок за аплицирање е 21 јуни.
Социјалните станови се наменети за решавање на станбеното прашање на лица кои се станбено необезбедени и спаѓаат во една од социјалните категории: деца без родители или родителска грижа кои имаат над 18 години а кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош. Становите ќе се распределуваат согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање на социјален стан под закуп.
Министерството за транспорт и врски овие станови ги распределува јавно во присуство на апликантите и по електронски пат со помош на компјутерски софтвер во кој нема можност да се интервенира од страна на човечки фактор и кои ги бодира апликантите во согласност со Методологијата и според самата документација поднесена од нивна страна, се наведува во денешното соопштение од Министерството.
Сите жители на општината Берово кои се станбено необезбедени а спаѓаат во една од овие социјално ранливи категории можат да се пријават за учество во распределбата на социјалните станови. Огласот е објавен во дневните весници и на итернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.
Подносителот на барањето за добивање на социјален стан под закуп може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови.
Сите наведени документи во огласот, заедно со барањето апликантите ги поднесуваат до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Берово. Крајниот рок за аплицирање е 21 јуни оваа година.
Минатиот месец, триесет семејства се вселија во новите станови во објектот за социјални станови во Берово, изградени во рамки на Програмата на Владата на Република Македонија, а семејствата ги добија согласно јавниот оглас и по пат на јавна електронска распределба.
Владата континуирано ги реализира проектите и активностите кои се насочени кон подобрување на животниот стандард и решавање на прашањето за домување на граѓаните на територијата на цела Република Македонија. Проектот за домување на социјално ранливите групи опфаќа изградба на 35 објекти во 26 градови на територијата на Република Македонија.