Прифатени низа предлози по дебатата, Владата повикува на доставување на нови аргументирани предлози

Владата и Министерството за образование и наука  (МОН) прифатија неколку предлози изнесени од страна на ректорите и професорите на завчерашната јавна дебата за унапредување на квалитетот во високото образование.

МОН вчера соопшти дека ги охрабрува сите оние кои имаат конструктивни предлози, но досега не се произнеле, да го сторат тоа во следниот период, затоа што можоста за дискусија и понатаму останува отворена.

По завршувањето на вчерашната јавна дебата во врска со предлог пакетот реформи за унапредување на квалитетот на високото образование, премиерот Никола Груевски заедно со другите владини претставници одржаа дополнителна средба на која беа дискутирани сите понудени предлози, препораки и сугестии за време на дискусијата. По извршената анализа за конструктивноста и оправданоста на секој од предлозите во сублимираниот извештај, од страна на Владата на Република Македонија и МОН, прифатени се неколку од нив.

Прифатен е предлогот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој се однесува на можноста за студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година.

Како што стои во соопштението, прифатен е предлогот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кој се однесува на промена на просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот, од 4.00 на 3.00.

Прифатен е предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време.

- Понатаму, во однос на студиите од втор циклус, односно постдипломските студии, на предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе можат да се акредитираат во траење од една или две години. Исто така, прифатен е и предлогот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Факултетот за општествени науки за студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите, да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзтети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика, се наведува во соопштението од МОН. 

Со новиот предлог закон за измена и дополнување на Законот за високото образование, на предлог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки, ќе се регулира звањето – магистер на уметности. Дополнително, прифатен е и предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за воведување на јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата „Web of science“.

МОН изразува благодарност до присутните на вчерашната јавна дебата, за искрената намера за придонес во креирањето на подобри и поквалитетни политики за унапредување на високото образование..

-Со цел унапредување на квалитетот на високото образование, Владата на Република Македонија во изминатиот тримесечен период на транспарентна и сеопфатна дебата во јавноста по однос на предложените реформи во високото образование, прифати поголем број на аргументирани сугестии за квалитативно подобрување на концептот на реформите и на текстот на предложените законски решенија, стоeше во вчерашното соопштението од Владата. 

Владата на Република Македонија упати уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти, вклучувајќи ги и оние професори и студенти кои побараа а во текот на вчерашниот ден и прифатија учество во дебата а потоа решија да не присуствуваат на истата, да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија.

Владата на Република Македонија, како што нагласува е отворена за сугестии и подготвена да ги разгледува и анализира сите аргументирани предлози кои ќе пристигнат, и тоа за секој член од законските решенија, и затоа уште еднаш го упатуваме овој апел до целата академска заедница. 

 

 

Оцени ја веста

07.01.2015 - 10:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега