Филхармонијата и хорот Св.Злата Мегленска ќе одржат божиќни концерти

Македонската филхармонија денеска напладне во Македонскиот народен театар ќе одржи Божикен концерт по повод Христовото раѓање Божиќ. Филхармонијата првпат годинава воведува Божикен концерт со идеја тој да стане традиционален во славењето на празникот.

На концертот ќе бидат изведени композиции од Јохан Себастијан Бах - Симфонија од Божикниот ораториум и неговата позната Оркестарска свита бр.3, како и Божикниот концерт на Корели. Публиката ќе има можност да слушне и арии од Хендл и првпат „Лаудате доминум“ од Моцарт. 

Солист ќе биде македонската сопранистка Сандра Митровска, а оркестарот ќе го води диригентот Борјан Цанев. Специјални гости на концертот ќе бидат децата од хорот „Пиколо“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ кои под водство на Весна Димчевска заедно со Македонската филхармонија ќе ја изведат познатата „Аве Марија“ на Качини.

И Хорот „Света Злата Мегленска“ вечер од 19.30 часот ќе го одржи својот традиционален концерт по повод Христовото раѓање. Концертот „Божиќ слава 2015“ во соработка со Македонската православна црква ќе се одржи во црквата „Пресвета Богородица“ во Скопје под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова. 

Покрај Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, ќе настапат и децата „Херувими“ и Македонскиот византиски хор „Хармосини“.

Божиќниот концерт на Македонската филхармонија ќе биде пренесуван во живо на Македонската радиотелевизија.

 

 

 

 

Оцени ја веста

07.01.2015 - 10:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа