Ердоган смета дека е праведно да не им се суди на четворицата поранешни министри
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја оцени како „праведна“ одлуката на парламентарната комисија да не им се суди на четворицата поранешни министри, кои се обвинети за корупција.
Тој истакна дека против турската држава биле подготвувани „внатрешни и меѓународни заговори“.
Парламентарната комисија во понеделникот гласаше против судење на четворица поранешни министри од страна на Врховниот суд, осомничени за корупција во рамки на големиот скандал кој пред една година ја потресе владејачката структура во земјата.
Девет од 14-те пратеници во оваа комисија, кои се членови на владејачката Партија на правдата и развојот на Ердоган, се изјаснија против започнување судски процес за четворицата поранешни министри.
Поранешниот министер за животна средина Ердоган Бајрактар, за економија Зафер Чаглајан, за внатрешни работи Муамер Ѓулер и за европски прашања Егемен Багаш се обвинети за злоупотреба на службената должност, измама и корупција.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа