И во Штип првото бебенце женско

Антонија Алексоска од Штип е првото новороденче кое се роди во штипската Клиничка болница во 2015 година. Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска ја посети мајката Даниела Алексоска на која Антонија и е второ дете.

- Првото ми е синче, а еве сега второто ми е ќеркичка. Таа се роди 2 килограми и 950 грама, долга е 49 сантиметри. Се породив со царски рез и сум благодарна на целокупниот медицински персонал, вели Алексоска.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев вели дека му е мило што за два дена од Новата година веќе се родени три деца на акушерското одделение.

- Со посветеноста на медицинскиот персона на акушерското одделение овде навистина се раѓаат здрави деца и тоа е нашата желба, на одделението да се раѓаат многу повеќе деца од претходните години, што е и заложба на нашата Влада, вели Захариев.

Тој покрај тоа што ги врачи пригодните подароци на првороденото дете во штипската клиничка болница, на акушерското одделение му подари машина за сушење, во која се сушат пелените на новороденчињата.

Началничката на Одделението за гинекологија и акушерство, Стаменка Јанкуловска вели дека веќе денеска очекуваат да се породат девет трудници.

- Тие се од цела источна Македонија, од Берово, Пехчево, од Кочани, Виница, Радовиш, Штип, значи девет трудници за породување имаме, а минатата година ја завршивме со 990 породувања, вели Јанкуловска.

Таа додава дека минатата година во споредба со 2013 година имаат помалку 29 породувања, но бројката е како што вели добра. Во текот на 2014 година, според анализите на гинеколозите во штипската клиничка болница, се родиле повеќе машки деца.

Директорката на Клиничка болница-Штип, Елизабета Папарова вели дека очекува 2015 година да биде значајна година, бидејќи го очекуваат и стартот на изградбата на новиот објект на болницата во која здравствени услуги користат потенцијални 200 илјади пациенти. 

 

 

Оцени ја веста

02.01.2015 - 12:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега