Придонеси за хонорарите, нови правила за регистрација на возилата - кои закони стапуваат на сила од денеска

Стартува примената на неколку законски решенија од областа на економијата. Од денеска сите хонорарци ќе плаќаат придонеси. Придонеси ќе плаќаат сите кои остваруваат приход повисок од минималната плата, која за 2015 година е утврдена на 9.590 денари. Министерот Ставрески вели дека ова е добра и правична мерка.  

-Тоа е добра мерка која ќе обезбеди поголема социјална заштита за луѓето кои примаат хонорари да влезат во системот на здравствена заштита и да ги уживаат сите права од здравствената заштита, како и да можат да остварат пензиски стаж, односно кога ќе дојде време да стекнат право за пензија. Нема ниту една причина шивачките во текстилните фабрики кои примаат 12.000 денари плата или рударите да плаќаат здравствено осигурување, а некој што преку хонорари остварува 50.000 денари да не плаќа здравствено осигурување. Мерката е правична и ќе овозможи сите на еднакво ниво доход и приход остварен, да плаќаат со еднаква стапка, вели Ставрески.

Од денеска сите правни и физички лица кои оствариле над 16.000 евра промет во претходната година стануваат ДДВ обврзници. Тие се должни до 15 јануари 2015 година да поднесат Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност. Досега тој праг беше два милиони денари (32.000 евра). До 31 јануари сите обврзници треба да воведат и фискални каси со ГПРС уреди.

Се укинува антикризната мерка со која компаниите во последните пет години беа ослободени од плаќање данок на секоја добивка која не беше распределена како дивиденда.Тоа значи дека сите фирми кои оствариле профит во текот на 2014 година, ќе треба да платат данок на добивка во висина од 10 отсто од разликата меѓу вкупните годишни приходи и расходи.  Од денеска стартува обврската од Законот за енергетика, кој предвидува секој стан или куќа да добие енергетски пасош. Без овој документ сопствениците на станови и куќи нема да моќат да го продаваат својот имот. Ангажирањето на проценител на енергетската ефикасност чини од три до пет евра по квадратен метар.

Од први јануари се доставува и извештај за задржан ДДВ во постапка за присилна наплата и присилно извршување.Ова го бараат измените на Законот за данокот на додадена вредност,кои пропишаа посебни одредби за начинот на постапување при пренос на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата односно присилно извршување, кога должникот е регистриран за ДДВ, пресметувањето и плаќањето на ДДВ на прометот на добрата кои се предмет на продажбата го врши субјектот надлежен за постапката за присилна наплата односно присилно извршување, во име и за сметка на должникот.  Од денеска организирано ќе се собира електронскиот отпад и повеќе не ќе смее да се фрла со отпадот од други видови: сите производители и увозници на електрична и електронска опрема треба да се организираат како колективни постапувачи, самостојно да го собираат или да плаќаат одреден надоместок со кој ќе се покријат трошоците за собирање на отпадната електрична опрема. Ова се предвидува согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема.

 

На сила стапува и нов закон кој предвидува „рампа" за сопствениците на оние возила кои при техничкиот преглед за регистрација испуштаат големо количество на издувни гасови. Овие возила нема да се регистрираат.  Земјоделците од 1 јануари ќе треба да се пререгистрираат. Одложувањето на почетокот на пререгистрацијата на земјоделците од 1 јуни 2014 за 1 јануари 2015 година беше направено поради софтверско усогласување меѓу Министерството за земјоделство и Управата за јавни приходи.  Од почетокот на оваа година Фондот за здравство ќе ги укине здравствените книшки, а ќе се употребуваат само електронските здравствени картички

 

 

Оцени ја веста

01.01.2015 - 11:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега