Семафорите во Скопје ќе работат во зависност од бројот на возила кои поминале

 

Семафорите на околу 90 крстосници ќе работат во зависност од сообраќајното оптоварување, односно зеленото време нема да биде фиксно како што е денес, туку ќе биде променливо во зависност од бројот на возила кои поминале преку детекторските индуктивни јамки, истакна  градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

- Реализацијата на проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,6 милиони евра. Изведувач на работите е „Сварко СИСТЕМС“ од Германија со подизведувачот „Елком КОНСТРАКШН“ од Скопје. Со неговото доопремување, главните функции на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе бидат прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем на улиците, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата на јавниот градски превоз и  информирање на возачите, рече Трајановски.

- Од работата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот ќе произлезат голем број придобивки за граѓаните на Скопје, намалување на времето на патување, намалување на времето на чекање за поминување на крстосниците, намалување на загадувањето од сообраќајот, намалување на потрошувачката на гориво, зголемување на брзината и многу други, нагласи Трајановски. 

најчитано сега