МРТ доби Орден за заслуги за Македонија

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ја одликува Македонската радио-телевизија со „Орден за заслуги за Македонија“ по повод 70-годишнината од основањето на Македонското радио и 50-годишнината од основањето на Македонската телевизија.

Орден за заслуги МРТ го доби за исклучителните резултати во негувањето, презентирањето и промовирањето на духовните вредности и културното творештво на Република Македонија и нејзина афирмација во светот.

-Ми претставува чест, како Претседател на Р.Македонија, во името на македонските граѓани да изразам благодарност до сите генарации кои придонесоа Македонската радио и телевизија да биде она што е. Сведок и хроничар на развојот на македонската држава и општество, чувар и промотор на нашето наследство, на се она што е изговорено пред микрофонот и забележано на видеолентата, истакна Иванов.

Додаде дека радува што МРТ останува стандард за квалитет, негување на македонскиот збор, добрата музика, информативните емисии, богатите дебати и интервјуа.

-Овој Орден за заслуги за Македонија е израз на нашата благодарност, но и на нашите очекувања. Очекувња МРТ да продолжи да нуди уште поквалитетна програма за сета публика од сите генареции и професии, независно од етничката, јазичната или религиската припадност. Да остане отворена за реалните потреби, желби и барања на слушателите и гледачите, истакна Иванов.

Орденот го прими директорот на МРТ Марјан Цветковски кој истакна дека ова признание е за сите генерации, новинари, тон мајстори, сниматели, документаристи, режисери, светло мајстори, спикери, за сите кои во својот работен век се оставиле себе си во оваа куќа.

-Оставиле аудио и видео записи за да се каже денес дека МРТ е ризница на духовните вредности и културното творештво на животот на Македонецот независно дали е тој во татковината или во дијаспората. Легендарнато „А бре Македонче“ цели 7 децении не држи заедно. Тоа е обврска, но и аманет ние во МРТ и понатаму да продолжиме да го чуваме јазикот, државата, црквата и народот, рече Цветковски.

 

 

Оцени ја веста

26.12.2014 - 14:29
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега