Состанок на претставници од педагошките факултети во МОН
Декани и претставници на педагошките факултети денеска на состанок во Министерството за образование и наука беа информирани за реформите кои се предвидени со предлог-законите што МОН ги соопшти во неделата.
Министерот Абдилаќим Адеми по двочасовната средба во МОН изјави дека ги запознал за нацрт-текстот на закон за педагошки факултети што го утврдила Владата, во кој се предвидуваат начинот на основање на факултетите, усогласување на студиските програми на сите педагошки факултети на јавните универзитети, усогласување на нивните програми со потребите на предучилишното, основното и средното образование и усогласување со компетенциите на наставниците предвидени со новиот закон за наставници.
Ги информирал за предвидените посебни критериуми за упис на педагошките факултети и за новината да се формира посебна институција - академија за наставници
- На педагошките факултети може да се запишат матурантите кои положиле државна матура, па потоа ќе треба да полагаат приемен испит, а во моментот на примање на педагошките факултети им се обезбедува месечна стипендија во висина од 50 отсто од просечна плата. Времетраењето на студиите е четири години, теоретски и практичен дел, на крај се полага завршен, дипломски испит. За академијата на наствници, исто така, има услови за запишување и обезбедена стипендија од 100 проценти од просечната плата. Се предвидува и лиценцирање на актуелниот кадар, но тоа е доброволно. Доколку се лиценцираат, ќе добиваат додаток на плата од 50 евра месечно, рече Адеми.
Со новиот закон за наставници, додаде министерот, ќе се регулира наставничката професија. - Сакаме професијата наставник да стане почитувана професија и наставниците да бидат почитувани во општеството, рече тој, додавајќи дека за таа цел се предвидени стимулативни мерки и подобри услови на работа, кариерен и професионален развој на наставниците.
Деканот на Педагошкиот факултет во Скопје Владо Тимовски изјави дека некои предлози се прифатливи, за некои имаат забелешки или сметаат дека треба да се додискутираат.
- Убаво е што се враќа приемниот испит со кој ќе се прави селекција. Добра е идејата педагошките факултети да се унифицираат според студиските и предметните програми, што беше проблем во минатите години особено со воведувањето на ЕКТС системот. Се намножија многу предмети, се намножија многу професори. Тоа треба да се сведе во една рационална, би рекол, потребна рамка, рече Тимовски.
Посочи дека зголемениот фонд практикување ќе значи многу за кариерниот развој на наставниците и ќе придонесе за селектирање на младите луѓе кои изучуваат наставничка професија зашто, како што рече, честопати досега на педагошките факултети се студирало со друга немара, а не од наставнички побуди.
- За два-три дена ние по факултетите ќе ги искажеме сите забелешки што ги имаме за овие документи, за тие да се подобрат, да се направат апликативни зво нашата општествена стварност, рече Тимовски.
На прашањето каков е ставот на Педагошкиот факултет за предлогот за државен испит, Тимовски одговори дека документот што го добиле не бил прифатен од нивниот наставно-научен совет.
- Нашиот наставно-научен совет го оцени како непотребен во оваа фаза. Сега гледам, во документите што ни ги понудија, има поразработени решенија, рече Тимовски.
Адеми кон ова одаде дека во тоа време не бил разработен моделот кој поминал како нацрт на седница на Влада и дека впечатокот е поинаков од завчера кога беше јавно соопштен.
За поголема информираност ќе следуваат и дебати, нагласи министетот. На прашањето зошто МОН ја откажал најавената дебата на Педагошкиот факултет во Скопје и во истиот термин закажа состанок во МОН, Адеми одговори дека имало најави за упаѓање на студенти. За време на состанокот, пред влезот на МОН беа собрани претставници од Студентскиот пленум.
- Закажавме дебата со деканите на педагошките факултети, но добивме јавно од студентите дека сакаат да упаднат на средбата и мислам дека е недолично да дојдат непоканети. Ние сме отворени за дебата, ќе организираме и веќе организираме дебати, ќе бидат поканети сите и со сите ќе разговараме за овие решенија. Не сакаме да бидат исклучени ниту еден универзитет или некоја друга организација, рече Адеми.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа