Александар Спасовски: Незадолжителен државен испит

Државниот испит не треба да биде задолжителен. Ако веќе студентите се цврсто решени дека не сакаат да полагаат државен испит, мислам дека Владата може да направи компромис и оваа реформа да ја спроведува само за оние студенти кои го сакаат тоа.

Владата, односно државата би требало да воведе систем преку кој кога државните институции ќе имаат потреба од кадри со високо образование, истите за да можат да се вработат да мора да имаат положено државен испит.
Истата пракса може да им се предложи и на сите приватни компании, но тие да не мора да бидат обврзани да ја спроведуваат доколку сметаат дека од тоа нема да имаат потреба.

На тој начин, државата ќе биде обезбедена дека кога ќе вработува кадри во сопствените редови тие ќе имаат квалитетно знаење а не диплома добиена за 2000 евра на некој од приватните факултети по пат на компензации со сопственикот на универзитетот. Исто така, ќе се намали праксата на протекционизам на државните универзитети.

Во последно време не сум разгледувал огласи за вработување, но до пред некоја година кога редовно ги листав, често забележував дека одредени компании во нив нагласуваа дека не сакаат кадри кои завршиле на приватните универзитети.

Во ситуација кога Владата овозможи навистина евтини студии, приватните универзитети веќе не можат да се борат со конкуренцијата во државното образование преку цената, па очигледно решија тоа да го прават преку полесен пат до диплома. Затоа, имам пријатели кои мака мачеа да завршат средно образование а дипломираа во рекорден рок на приватните универзитети. Најверојатно и затоа имам колеги кои завршиле правен факултет а не знаат да состават обична молба или жалба. Да не зборувам за студентите кои имаат диплома од новинарство а немаат основни познавања од македонската граматика иако на факултет положиле најмалку два испити по македонски јазик.

Ако на приватните компании никој не може да им каже како да го мерат квалитетот на кадарот кој го вработуваат, државните институции имаат обврска да му овозможат шанса на најдобриот кадар да го добие работното место.
Токму затоа, мислам дека незадолжителниот државен испит ќе го реши проблемот.

Студентите кои не сакаат да полагаат државен испит, ќе си останат дипломирани правници, економисти, информатичари... и за нив ништо нема да биде различно од она што беше до сега.

Оние пак, кои сакаат и пред државата да го верификуваат своето знаење, ќе си го полагаат државниот испит.

Полагањето може да се спроведува како што беше замислено. Студентите да можат да избираат, дали ќе полагаат на два пати, односно по втора година и на крајот од студиите или пак одеднаш целиот испит, кога ќе ги завршат студиите. Оние кои првично решиле да не полагаат државен испит, а добиле шанса за вработување во компании кои бараат државна верификација на знаењето да добијат можност, исто како што се полага возачки испит, во секое време да можат да се пријават и во најкраток рок да го полагаат испитот.

 

И сега, има многу правници кои не го гледаат своето работно место во судскиот систем и освен дипломата за завршен правен факултет, никогаш не се решаваат да полагаат правосуден испит.

Мислам дека вака, не само државните, туку и приватните компании ќе се приклучат на овој начин на потврда на квалитетот на знаењето и со тоа, ќе се најде компромис меѓу студентите кои се противат на оваа реформа и владата која настојува да го подигне квалитетот на нивното знаење. Тогаш нема да има простор за револт и незадоволство, бидејќи оној кој го нуди работното место ги поставува условите. 

Се разбира ова е само иницијален предлог кој може уште повеќе да се доработува и во рамките на јавната дебата која ја најави владата да се земе како еден од модулите за решавање на начинот на кој ќе се реформира високото образование. 

Александар Спасовски
Новинар

 

 

Оцени ја веста

14.12.2014 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа