Попоски - Сијрато: Продолжува унгарската поддршка за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО

 

Политичките односи меѓу Македонија и Унгарија се одлични, продолжува континуираната и принципиелна поддршка од унгарска страна за зачленувањето на Македонија и останатите земји од Западен Балкан во ЕУ и НАТО, заклучија на денешната средба министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот унгарски колега, министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијрато.

- Во услови кога Европската унија го менува пристапот кон земјите кандидати, значајно е и од голем интерес замја како Унгарија да ја поддржува агендата на ЕУ во однос на проширувањето. Блокирањето има цена. Седењето и чекањето не ги решаваат проблемите сами по себе, истакна Попоски на средбата.

Како што соопшти МНР, во фокус на разговорите беа и економските односи особено привлекувањето странски инвестиции и зголемувањето на трговската размена. Заеднички беше поздравено отворањето на унгарско трговската куќа во Скопје. Министрите најавија оддржување на состанокот на заедничкиот комитет за економска соработка за почетокот на 2015.

- Унгарија е одличен модел за успешен економски развој и привлекување странски инвестиции. Зголемена трговска размена и заеднички проекти од областа на енергетиката и железничката инфраструктура ќе придонесе до зголемен економски развој, рече Попоски, информирајќи за приоритетите на македонското претседавање со Централно европската иницијатива кои, како што напомена, ќе бидат фокусирани на  зголемување на економска размена и подобрување на енергетската поврзаност.

За време на посетата шефот на дипломатијата беше примен од претседателот на унгарскиот Парламент Ласло Ковер. На средбата стана збор за севкупната билатерална соработка помеѓу двете земји во изминатите две децении, вклучително и европските и евро-атлантските стремежи на Република Македонија. Беше констатирана потребата од дополнително зголемување на парламентарната димензија помеѓу двете земји.

Министерот Попоски ja заокружи посетата со предавање на Унгарскиот институт за меѓународни односи и трговија, за важноста на интеграцијата на земјите од Балканот во Европската унија. 

Официјална посета беше на покана на министерот Сијрато. Македонија и Унгарија годинава одбележуваат две децении од воспоставувањето дипломатски односи.

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 17:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега