Историчарите со поддршка за новиот државен грб

 

Промената на државниот грб е задоцнета и ни треба, заклучија дел од историчарите и хералдичарите што присуствуваа на денешната дебата за предлогот за нов државен грб на Република Македонија, што се одржа на Филозофскиот факултет во Скопје.

- Секако дека ни треба промена на државниот грб затоа што тоа не е направено до сега почнувајќи од 1991 година. Сме останале назад, смета историчарот и професор на Филозофскиот факултет Ванчо Ѓоргиев.

Според него, Македонија и Белорусија се единствените земји во Европа, кои по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југословенската федерација, Чехословачка и Советскиот сојуз не ги променија своите грбови. Имаат грбови што воопшто не се во согласност со хералдичките правила и она што е традиција во Европа. Во тој хералдички поглед, додаде дека друштво ни прават уште неколку земји во светот, меѓу кои се Мозамби, Ангола и Северна Кореја. 

Александар Атанасовски, доктор на историски науки, посочи дека досега темелно не сме се занимавале со грбовите на Македонија. Од направените анализи, според него, постојат верзии меѓу кои и оваа црвен лав на жолт штит, почнувајќи од 16 век - 1555 година па наваму во повеќето збирки фигурира како македонски грб или грб на Македонија. Во некои цртежи, појасни Атанасовски, не може да се определи бојата, но во објаснувањата стои дали е златно поле или црвено. 

- Ние останавме со оној грб што хералдички не е издржан, останавме поранешна Југословенска Република и го користиме грбот од СФРЈ, како грб на Македонија. Сепак, во хералдиката има некои правила, како треба да изгледа грбот и кои елементи треба да ги содржи, рече Атанасовски.

Понуденото решение за нов државен грб појасни дека постои во грбовниците како македонски грб и го користеле наши востаници. 

- Кога ќе ги погледнете грбовниците и грбовите, и денес низ светот ќе забележите дека има слични на многу места. Грбот не смее да биде потполно идентичен, мора по нешто да се разликува, по положбата, круната, опашката, поставеноста,...Не може никој да си го присвојува лавот каков негов симбол, тој од секогаш претставувал симбол на силата, здравјето, моќта,... Тоа не е авторско право на една држава, изјави Атанасовски. 

Професорката по хералдика Снежана Филипова ја поздрави одлуката за промена на државниот грб нагласувајќи дека во Здружението на хералдичари дискутирале за потребата за вистински хералдички грб за земјава.

- Во хералдиката и мал ситен детал може да направи разлика, значи не е само бојата и позицијата на лавот, како што е во случајот тоа што го прави грбот сличен или различен, рече Филипова.

Професорот Бобан Петровски предложи да се формира официјално тело што ќе се занимава со хералдика, кое според него, може да биде во склоп на Владата, Претседателот, Министерството за правда... 

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега