Kуќите ќе бидат ослободени од обврската за енергетска ефикасност

 

Индивидуалните објекти при реконструкција на фасада да бидат ослободени од исполнување на условите за енергетска ефикасност, предвидува амандманот што група пратеници го поднесоа на измените на Законот за градењето, пишува Дневник.

Амандманот на пратениците Лилјана Затуровска и Реџеп Исмаили вчера беше прифатен од Министерство за транспорт и врски на амандманската расправа во собраниската Kомисија за транспорт и врски. Амандманот заедно со уште четири амандмани ќе биде разгледан на собраниска седница. 

- Со овој амандман предвидуваме градбите од индивидуално домување да бидат исклучени од обврската за исполнување на условите за енергетска ефикасност при значителна реконструкција, појасни Затуровска.

Со предложените измени на Законот за градењето се врши усогласување со Законот за енергетиката. Од 1-ви јануари 2015 година при значителна реконструкција на објектите за колективно домување инвеститорот со документацијата ќе треба да обезбеди и сертификат за енергетски карактеристики. Значителна е реконструкцијата чија вкупна вредност е поголема од 25 проценти од вредноста на градбата не сметајќи ги вредноста на земјиштето на кое е изградена и трошоците за уредување на градежното земјиште или, пак, реконструкција со кое повеќе од 25 проценти од површината на обвивката на градбата е предмет на реконструкција. 

Покрај ова, беа прифатени и измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти во прво читање, со кои, меѓу другото, се предвидува објектите што се изградени во заштитен појас на патна или железничка инфраструктура да може да се легализираат доколку не е предвидено проширување на оваа инфраструктура. Сопствениците на овие објекти сега ќе треба да побараат мислење од јавните претпријатија дали се предвидува проширување на патната или железничката инфраструктура.

- Доколку се добие мислење, дека нема да има проширување, тогаш може да се пристапи кон легализација на објектот, појасни Затуровска.

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега