Поголема свесност за „Мој Термин“ - ќе фрчат казни за докторите кои доцнат

 

Министерството за здравство продолжува да ја следи појавата на непочитување на закажани термини од страна на одредени доктори или пациенти. Се забележува зголемување на свесноста кај двете страни.

Според анализата на податоците од системот „МојТермин“, во месец ноември бројот на пациенти кои не дошле на закажаниот термин (и истиот не го откажале) е за 42% намален во однос на претходниот месец. Прикажано во бројки, во месец октомври на закажан преглед не дошле околу 45.000 пациенти, додека во ноември не дошле речиси половина помалку, односно вкупно 26,370 пациенти, а околу 27,700 упати биле нереализирани.

-Од друга страна, забележавме и редуцирање на појавата за која исто така неодамна информиравме, а тоа е доцнење на одреден број доктори 3 пати или повеќе од 3 пати во месецот по минимум 1 час на првиот закажан преглед во денот. Како што знаете, во месец септември бројот на овие доктори беше 162, во месец октомври драстично се намали на 32, додека во месец ноември е сериозно намален во споредба со претходните месеци и изнесува 24 доктори.  

На пример, специјалист по трансфузиона медицина од Крива Паланка беше посочен дека во 15 дена во месец септември задоцнил повеќе од 1 час на прв закажан преглед. Истиот доктор во месец ноември нема ниту едно доцнење. Само кај двајца доктори (од нова градска и од УК за урологија) има повторување во доцнењето во сите 3 месеци, истакна денес министерот за здравство Никола Тодоров. 

Министерството за здравство редовно потсетува за навремено откажување на термините, со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат. Исто така, тим од МојТермин редовно испраќа СМС-пораки до пациентите со потсетување за закажаните термини.

-Во овој аспект, можам исто така да констатирам дека податоците од системот МојТермин покажуваат подобрување. Откажувањето на термините изминатиот месец е за 18% зголемено во споредба со месец септември, односно во месец септември биле откажани вкупно 37.861 термин, додека во месец ноември биле откажани вкупно 44.750 термини, додаде Тодоров.

Исто така, околу 13.5% од специјалистичките упати во месец ноември не биле реализирани поради недоаѓање на пациентите, а за споредба, овој процент во јули и август бил прилично повисок и изнесувал 23%. 

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 13:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега