Шарп: Македонија ќе стане вистински извозник на злато

Компанијата Еуромакс Рисорсис објави дека Европската банка за обнова и развој станува акционер во проектот за развој на рудник за бакар и злато, Иловица. ЕБОР за 5 милиони канадски долари купува 20% удел во рудникот кој, според планот, треба да почне да се гради следното лето и да стане оперативен во 2017. Најавите се дека годишно ќе се добиваат по 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Со такво темпо проценката е дека наоѓалиштето во струмичко има количини за експлоатација во текот на 23 години, а севкупниот ефект врз економијата да биде доста голем, пишува Економски.мк

Деталите ги открива претседателот и главен извршен директор на компанијата, Стив Шарп во интервјуто за Економски.мк.

ЕКОНОМСКИ: Што значи влезот на ЕБОР во проектот Иловица?

 ШАРП: На склучувањето на оваа инвестиција работевме со ЕБОР последниве шест месеци. Тие темелно ги истражија економските, техничките и социјалните аспекти на проектот, како и влијанието врз животната средина. Нивната инвестиција е 5 милиони долари за 20% удел во нашата компанија со што ќе бидат наш најголем акционер. Тоа е напоредно со финансирањето од американската компанија Ројал Голд објавено порано годинава, од 175 милиони долари. Значи, ова претставува голем влог во развојот на Иловица. Влезот на ЕБОР ни дава голема сигурност во смисла дека проектот е исплатлив економски, дека е технички издржан и дека нуди широки придобивки за македонската економија. Тоа е уште една потврда за она што секогаш го мислевме, дека развојот на Иловица има смисла за Македонија и регионот. ЕБОР посочија дека сакаат да го задржат тој удел во комапнијата, па како што проектот ќе се развива очекуваме дека ќе има вложување и на други средства.

ЕКОНОМСКИ: До каде е реализацијата на проектот?

ШАРП: Сега сме во фаза во која тукушто ја објавивме прелиминарната физибилити студија. Овие пари од ЕБОР, заедно со тековото финансирање од Ројал Голд, прават буџет од 20 милиони долари кои ќе ги трошиме во следните 18 месеци. Тоа ќе не доведе директно до стартот на градежните работи. Планираме да почнеме со изградба во јули 2016.

ЕКОНОМСКИ: Какво влијание очекувате да има рудникот Иловица врз македонската економија?

ШАРП: Ќе има огромно влијание не само локално, туку врз севкупната национална економија. Ќе извезуваме концентрат, но и ќе произведуваме злато на самата локација кое потоа ќе се испраќа на рафинирање во Македонија со што тоа ќе биде првото македонско производство на злато. Македонците ќе можат да го нарекуваат првото вистинско македонско производство на злато во голем број наредни години. Проценуваме дека ова ќе додаде околу 2 проценти на брутодомашниот производ на Македонија. На страната на вработувањата, која е подеднакво важна, очекуваме да вработиме 500 луѓе за почеток. За 23 години работен век на рудникот во просек би биле вработени од 400 до 450 луѓе. Тоа е навистина долгорочен проект.

ЕКОНОМСКИ: До каде сте со обезбедувањето на финансиската рамка за целата инвестиција?

ШАРП: Се работи за прилично скап проект кој треба да функционира 23 години. Вкупната инвестиција е 500 милиони долари. Покрај финансирањето од Ројал Голд имаме лизинг на опрема од 50 милиони долари и токму утрово имавме состанок со банки за обезбедување на преостанатите 250 милиони долари. Очигледно, не би можеле да ги повлечеме парите утре, треба прво да ги завршиме техничките студии и во јули 2016 да го испорачаме финалниот документ за да ја добиеме дозволата за градба. Но, сите парчиња од финансиската сложувалка сега си доаѓаат на место.

ЕКОНОМСКИ: Како сте задоволни од соработката со владата и локалните институции во целиот процес?

ШАРП: Апсолутно сум воодушевен од севкупната поддршка што ја добиваме локално, комуникацијата со локалните училишта, градоначалници, како и од поддршката на централната влада , премиерот Груевски и неговите министри за странски инвестиции. Искрено, нивната поддршка не е ништо помалку од спектакуларна! Знаете, Македонија има највисоки стапки на раст во регионот и тоа е од добра причина: затоа што се грижи за странските инвеститори веројатно подобро од било која друга земја во тој дел од светот.

 

 

Оцени ја веста

11.12.2014 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа