Новинарите протестираат пред Грчката канцеларија за врски во Скопје

 

Денеска пред Грчката канцеларија за врски во Скопје се одржа мирен протест, организиран од Македонската асоцијација на новинари поради забраната за влез во Грција на новинарката на „Дневник“ Ивана Костовска. Протестот го поддржаа и Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

МАН упати барање до Грчката канцеларија за врски, најитно да се произнесе и да ги обелодени причините поради кои на новинарката Костовска и е забранет влез во Грција. Истовремено МАН бара од Владата на Грција повлекување на оваа одлука и овозможување непречен влез на новинарката на територијата на Република Грција.

- МАН смета дека регистрирањето на новинарката Костовска во регистарот на непожелни личности со карактеристика опасност за јавниот ред и безбедност, јавното здравје и меѓународните односи претставува грубо кршење на основните демократски постулати на слободата на движење. Ваквата одлука на грчките власти за МАН е особено скандалозна бидејќи доаѓа од држава членка на ЕУ, изјави претседателот на МАН Слаѓана Димишкова.

На протестот новинарката Костовска потенцира дека и покрај тоа што се поминати речиси 10 дена се уште нема објаснување од Грчката канцеларија за причините поради кои е вратена од македонско-грчката граница.

- Ако грчките власти не сакаат да не слушнат нас овде македонските новинари, тогаш нека ги слушнат грчките новинари кои го нарекоа овој случај брутален начин на цензура, изјави Костовска. 

ФОТО:Сител

најчитано сега