Четирите најголеми грешки кои ги направив како сопруг

 

Факт е дека врските, бракот, како и односите со сите луѓе кои нè окружуваат, ги земаме здраво за готово. Можеби генерално сте задоволни од вашиот брак, но многу често не сме свесни (или не сакаме да бидеме) дека истиот не функционира како што треба. Мислиме дека имаме сè, но неретко се случува да се најдеме на само еден чекор оддалечени од развод.

Не ценејќи ја вредноста на односот со партнерот, не одвојувајќи ни малку време да му се посветиме и заглавеноста во секојдневието преполно со обврски, забораваме да бидеме благодарни за она што го имаме.

Понесен од овој проблем, еден поранешен сопруг решил да си ја отвори душата и да ја сподели неговата приказна со целиот свет. Еве за кои 4 грешки се кае тој што потфрлил како нечиј животен сопатник.

Се здебелив

Не само што се здебелив физички, што не е невообичаено за човек од зрелата животна доба, јас станав и ментално мрзелив во бракот. Навлегов длабоко во комфорот и почнав сето она што го имав да го земам здраво за готово, како што за жал прават повеќето луѓе. Сметав дека јас и мојата сопруга Моника се венчавме бидејќи си одговаравме совршено и тоа беше тоа. Бев 99 проценти сигурен дека можам да бидам тој што сум и дека можам да правам што и да посакам (во границите на нормалата) и дека ние ќе бидеме во ред.

Но, сум погрешил. Заборавив да ги правам оние ситници кои го негуваат односот и ја одржуваат блискоста. Не ми текнуваше да ја прашам „Како помина на работа?“ или „Сакаш да те измасирам?“. Всушност не ни размислував многу за бракот, како што постојано размислував уште колку пари имам во паричникот, или што ќе јадам за ручек. Кога ќе размислам, воопшто не ни размилсував за бракот. 

Доколку го правите и вие тоа, осудени сте на пропаст, верувајте.

Бев себичен во сексот

Бев можеби најлошиот љубовник на светот. Си велев дека сум прилично среќен за тоа како стојат работите. Имав 42 години, телото ми беше во одлична фит форма и не можев да се пожалам од потенцијата. Имав редовен секс, барем повеќе од повеќето колеги од работа. Но, сега морам да признаам дека сексот во креветот беше задоволување на моите потреби, а не на оние на сопругата, иако сето тоа беше несвесно од моја страна.

Доцна сфатив дека всушност никогаш не ја слушав кога се обидуваше да ми каже кои работи ги сака, а кои не функционираат за неа. Нејзините зборови се одбиваа од мене бидејќи ги сфаќав како критика, а не како обид на усовршување на она што го имаме. 

Не помагав во плаќањето на сметките 

Не е сè во тоа да имате работа и да придонесувате финансиски во домот. Никогаш не се залагав дали Моника сака да ги води финансиите или дали беше добра во тоа – едноставно тоа и’ беше доделена задача. Но, кога ќе размислам убаво сфаќам дека тоа беше голема грешка од моја страна. Не велам дека жените не се способни за тоа, напротив, туку факт е дека секоја жена сака и заслужува да чувствува дека некој се грижи за неа. Без разлика колку се независни и силни, жените сакаат да чувствуваат сигурност дека имаат партнер кој се грижи да ја одржи заедницата како што треба. Дел од тоа е и самиот едноставен чин на подмирување на сметките и инвестирање во домот.

Кажав работи кои никогаш нема да можам да ги повлечам

Во односите со луѓето секогаш можете да се обидете да свртите нов лист, но доколку сте плукале отров сè е залудно. Јас токму тоа го правев во расправиите со мојата сопруга. За да се заштитам себе си, ги рушев ѕидовите на нашата света заедница со моите непромислени зборови. Не можев тогаш да согледам колку инфантилна беше таквата реакција од моја страна. Ова беше мојата дефинитивно најголема грешка.

Сега, кога останав сам и кога го преиспитувам секој момент и сите мои постапки, сфатив колку е важно секој човек да пронајде начин да се смири, да ги контролира своите емоции и да го контролира она што им го кажува на најблиските. Мислете пред да прозборувате. Дишете. Гризнете си ја устата додека не прокрвари. Но, не ги уништувајте оние кои ги сакате со проклети зборови.

Некогаш, колку и да ви е преку глава од сè, верувајте дека воопшто не е убаво да бидете штотуку ослободена птица, да вечерате сами на масата и да се дружите со вашиот телевизор. Ценете го она што го имате пред да биде доцна!

Извор: Идивиди

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега