Честитка од Божиновска до МПЦ-ОА по повод празникот Св. Климент Охридски

 

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Валентина Божиновска упати телеграма со честитки по повод големиот христијански празник - Св. Климент Охридски  до Македонската православна црква - Охридска архиепископија и до поглаварот г.г. Стефан.  

- Дозволете ми во мое лично име, како и од името на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Вам лично, и на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник - Св. Климент Охридски.

Првиот Македонски Архиепископ, во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, исто така е најзначајниот средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, црковно, просветно, книжевно, стана заслужен не само за македонскиот народ, туку и за целиот христијански свет. Неговото дело е вистински пример за тоа како се чува и негува македонската нација, македонскиот идентитет и македонскиот јазик, се вели во честитката од Божиновска.

Повеќе од 11 века, се додава, Светиклиментовото слово зрачи и чудотвори, описменува и облагородува. Од силата на неговите поучни и пофални слова денес духовно се храниме сите ние и многу народи ширум светот. Неговото слово е нашето битие, наш сопатник и пријател, врата низ која се преминува од смрт во живот. Неговото слово е и нашиот лек, утеха и живо питие. Како што се вели во Библијата: „Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода, што ќе тече во живот вечен“.

- И токму овде, на овие простори и на овој народ му беше откриен овој извор, лекот на бесмртноста со кој смртта умира засекогаш, а триумфира животот. Победува вистината, љубовта и верата преку словото и делото на Свети Климент кој е и наш современик, пример за епископите и жив сведок на љубовта Божја.

Во овие празнични мигови да ја упатиме големата македонска мисија кон доброто за сите народи, зацврствување на вербата кон Бога со големата потврда дека Македонија е и продолжува да биде голем светилник во големото ев¬роп¬ско семејство со неизмерната сила и моќ што ни ја дарува овој голем светец.

Нека е честит и за многу години празникот!, се нагласува во честитката од Божиновска до МПЦ-ОА и г.г. Стефан.

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 15:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега