Иванов до Туск: Што ќе изгуби Грција ако Македонија добие датум за преговори?

Помош за деблокада на евроинтеграцијата на Република Македонија, побара денеска шефот на државата Ѓорге Иванов, во писмоto упатено до Доналд Туск, по повод стапувањето на функцијата претседател на Советот на ЕУ.

- Сакам да побарам од Вас, како пријател на двете држави, прашањето за деблокада на status quo состојбата во која се наоѓа Република Македонија да го отворите пред Европскиот совет. Клучно прашање што верувам дека треба да се постави до премиерот Самарас е: што ќе изгуби Грција доколку Република Македонија добие датум за почеток на преговорите? Зарем не е во интерес на Грција на својата северна граница да има европски сосед со повисоки европски стандарди, критериуми и вредности, кои би важеле не само за македонските граѓани, туку и за грчките туристи и стопанственици кои доаѓаат во Република Македонија? Ве уверувам дека Република Македонија сака најдобри можни односи со нашиот јужен сосед. Нашите две општества немаат никакви проблеми. Република Македонија и Република Грција се политички и стратегиски поврзани, се вели во писмото од претседателот Иванов.

Тој посочува дека со само еден гест, како што е деблокадата на Република Македонија, би се создала поголема доверба и атмосфера во која билатералната разлика ќе биде надмината. Тоа, се додава, недвосмислено ќе придонесе и кон стабилноста, просперитетот и благосостојбата на целиот регион на Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов при тоа во писмото до новиот претседател на Европскиот Совет, го запознава со актуелната состојба со интеграцискиот процес на Република Македонија, со молба за негов личен ангажман.

- Во изминатиов период Република Македонија искрено и посветено ги исполнуваше преземените обврски и постигна виден напредок. Како што веќе знаете, Република Македонија е земја кандидат од 2005 година, a од 2009 година континуирано добива позитивни препораки од Европската комисија за одредување на датум за почеток на преговори за членство во Европската унија. Овие препораки, за жал, не се валоризираат во Европскиот Совет поради блокирањето на Грција. Како што бевме блокирани на крајот од нашиот пат кон членство на НАТО, така сега сме блокирани на средина на нашиот пат кон членство во ЕУ, и тоа од една земја-членка која ги доведува во прашање колективните интереси и темелни принципи на организациите кон кои сакаме да се приклучиме. Еден од тие темелни принципи е почитувањето на меѓународните договори и меѓународното право, вели шефот на државата.

На 5 декември 2011 година, стои понатаму во писмото, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Република Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземени обврски. Судот истакна дека очекува Грција да не го повтори нелегалното однесување од Букурешт. После три години ние сè уште чекаме да се испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Пресудата е констатација на нелегално однесување, но и очекување и повик да се стави крај на кршењето на меѓународното право. А почитувањето на меѓународното право, се наведува, важи и за државата што нè блокира, но и за сите држави-членки на меѓународните организации во кои и натаму сме блокирани.

- Во 2008 година нашиот процес на интеграција во НАТО беше блокиран од другата страна со оправдување дека блокадата ќе биде фактор за мотивација за решавање на билатералниот спор со Република Грција. Во 2009 година, истото се случи и со процесот за интеграција во ЕУ. Сепак, после шест години, очигледно е дека овој пристап не го отвори патот за решавање на билатералниот спор. Веќе е проверено дека ваквата политичка рецепта не создаде услови за постигнување на взаемно прифатливо решение. Напротив, овој пристап фрли сенка на кредибилноста на процесот на проширување на НАТО и на ЕУ. Како резултат на овој пристап, Република Грција наместо да бара решение на спорот со Република Македонија, прифати дека блокадата на Република Македонија е најдобро решение само по себе, вели Иванов.

Тој оценува дека досегашното искуство недвосмислено зборува дека без промена на пристапот, невозможно е да се дојде до решение.

- Затоа, во пресрет на Европскиот Совет сакам да побарам поддршка за деблокадата на нашата држава, бидејќи поради предолгата status quo состојба Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи. Дополнително на тоа, се создава негативна слика за кредибилноста на политиката на проширување на Европската унија, вели во писмото Иванов.

Според него, сето ова е резултат на двојните стандарди и недоволното внимание и посветеност на Унијата кон Република Македонија и нејзините напори и постигнати резултати. Посочува дека изминатиот период, во регионот на Југоисточна Европа имаше два позитивни примера на паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика. За жал, вели, позитивните искуства од паралелното движење во интеграциите меѓу Словенија и Хрватска и дијалогот меѓу Белград и Приштина што дадоа резултати не се применуваат во случајот со Република Македонија и Грција.

- Бевме сведоци дека во двата случаи функционерите на Унијата и лидерите на земјите-членки беа активно ангажирани. Убеден сум дека ако Баронесата Ештон посветеше на Република Македонија барем една третина од нејзиното време што го посвети на дијалогот Приштина-Белград, до сега ќе имавме видлив напредок во надминувањето на разликата. За жал, во нашиот случај, од 2009, па до сега, освен напорите на Комесарот Штефан Филе, не видовме сериозен ангажман, дециден е Иванов. 

Тој во писмото до Туск, ја посочува и поканата од премиерот Никола Груевски до грчкиот премиер Самарас за директни разговори, која не беше прифатена.

- Ве охрабрувам Вие лично или високиот претставник за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, повеќе да бидете ангажирани за деблокирањето на Република Македонија и да ги мотивирате двата премиери да се сретнат за да се надмине билатералната разлика, порачува претседателот Ѓорге Иванов ви писмото до новиот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, кој е поранешен полски премиер. 

МИА

 

 

Оцени ја веста

05.12.2014 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега