Се бара алтернативно решение за гасификација на Македонија
Се работи на изнаоѓање алтернативно решение за гасификација на Македонија, информира денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него, Русија нема да може да го имплементира проектот Јужен тек, со кој требаше да се изгради гасовод под Црното Море до Бугарија и Јужна Европа, поради противењето на Европската унија.
- Иднината на Јужен тек е во рацете на Русија и на Европската унија, така што не е прашање на кое ние може да влијаеме. Можеме да ги следиме состојбите, и ние работиме, работевме и ќе работиме на изнаоѓање алтернативни решенија. Сметам дека постојат такви и во догледна иднина Владата ќе информира за прогресот во однос на изнаоѓање алтернативи, односно изнаоѓање други извори и други пристапи за гас за Македонија, изјави Ставрески.
Тој посочи дека останува да важи договорот Русија да ги врати 60-те милиони долари долг, кои Македонија треба да ги поврати преку изградба на дел од гасификациска мрежа.
- Прашањето на клириншкиот долг не е поврзано со ова. Клириншкиот долг ќе се реализира на начин како што е и објавено, појасни Ставрески.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Русија се откажала од проектот за природен гас Јужен тек и дека можеби ќе соработува со Турција за изградба на центар за природен гас за јужна Европа.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа