СИРИЗА сака намалување на долгот на Грција

Лидерот на грчката опозициска Сириза денеска изјави дека ќе побара намалување на долгот на земјата, ако неговата партија дојде на власт при евентуални предвремени парламентарни избори следната година.

Алексис Ципрас на финансиска конференција во Атина, изјави дека уништената грчка економија нема да може да се опорави ако парите што им ги должи Грција на другите земји од еврозоната, не бидат значително намалени.

- Ние сакаме итен прекин на мерките за штедење, договор за намалување на долгот и значително намалување на годишните трошоци за сервисирање на долгот, рече Ципрас.

Неговата изјава доаѓа по шпекулациите дека лидерот на левицата го омекнал својот став против меѓународната финансиска програма пред евентуалните предвремени избори, коментираат медиумите.

Владејачка коалиција, предводена од конзервативците, тврди дека огромниот грчки долг е одржлив, иако достигна речиси 175 проценти од бруто домашниот производ, и оти ќе ги врати заемите во висина од 240 милијарди евра.

Левичарската партија Сириза води според сите анкети, во пресрет на гласањето во Парламентот за избор на нов претседател следната година. Гласањето може да доведе до политичка криза и да ја принуди коалициската Влада да распише предвремени избори. Атина во моментов води тешки преговори со меѓународните кредитори за нова серија мерки за штедење во замена за последната транша од заемот за спас, а Ципрас ја обвини Владата дека попушта пред барањата на доверителите за нови мерки за штедење, меѓу кои се намалување на пензиите и зголемување на даноците.

 

 

Оцени ја веста

02.12.2014 - 17:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега