Македонците точат најевтини горива во регионот

Македонците и Босанците точат најевтини горива во регионот, највисоки цени плаќаат Хрватите. Согласно последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, литар дизел во земјава чини 62 денари, односно 1,01 евро,  цената на Еуросупер 98 изнесува 73,5 денари, односно 1,20 евра, а Еуросупер 95 се точи по цена од 72 денари или 1,17 евра. Ако се направи споредба со цената на горивата во регионот, тогаш може да се заклучи дека горивата во Македонија се најевтини во регионот, пишува Лидер.

Во земјите од регионот кои се дел од ЕУ се плаќаат уште повисоки цени. На пример, Хрватите за Еуросупер 95 плаќаат 1,304 евра, а за литар дизел 1,248 евра. Во Бугарија литар бензин чини 1,186 евра, а дизелот 1,206 евра. Во Грција и Словенија е уште поскапо. Ако ја поминете границата на југ и останете без гориво, ќе треба да одвоите по 1,491 евро за литар бензин, односно 1,219 за литар дизел. Во Словенија литар бензин чини 1,431 евро,а дизелот 1,351 евро.

 Како Регулаторна ги пресметува цените на горивата?

Регулаторната комисија за енергетика на Македонија прави корекција на цената на горивата на секои две недели. Клучни при одредување на новата цена се два фактора: прво, цената на суровата нафта на светските берзи и второ, курсот на денарот во однос на доларот. На пример, со последното прилагодување од 17 ноември, во предвид се земени следниве моменти:

  • Просечната цена на сурова нафта изнесувала 81,314 $/барел, за 5% пониска цена во однос на претходната пресметка.
  • Курсот на денарот во однос на доларот изнесувал 49,3974 ден/$, односно за 0,16% повисок од калкулираниот со претходната пресметка.

Изразено во бројки, референтните цени на светскиот пазар во однос на претходните две недели бележат намалување и тоа: кај бензинот од 3,64%, кај дизелот за 2,01% и кај мазутот за 6,11%. Регулаторна ги прави пресметките врз основа на својата Методологија и двата фактора кои ги споменавме, па ја носи следната одлука: рафинериските цени на нафтените деривати ги намалува во просек за 2,96%, а малопродажните за 1,91%.

Ова беше само последно во низата надолни корекции на цените на горивата, бидејќи цената на „црното злато“ во изминатиот период бележи вртоглав пад и е за 30% пониска во однос на почетокот на годината.

Граѓаните велат добро е, цените се значително пониски, но има простор и за дополнителна корекција.

„Сега е поевтино да се вози. Ако се сеќавате пред две години цената стигна речиси до 100-ка“

„Мислам дека треба уште да се намалат цените, да се прилагодат на стандардот“

„Веќе неколкупати се намалуваат цените, добро е тоа“.

Светските трендови укажуваат дека желбата на граѓаните, да возат уште поевтино, наскоро може и да се оствари. Цената на барел нафта на светските пазари месецов се движи околу 75 долари, најниска во последниве 4,5 години. За споредба, пред нешто повеќе од една година, барел нафта чинеше 120 долари!

Што ја спушта цената на нафтата?

Постојат неколку одговори на ова прашање. Зголеменото производство од САД и Саудиска Арабија, намалената побарувачка во ЕУ и Азија, зголемените залихи, продажбата на црно од страна на милитантите на ИД, но и политичките игри, бидејќи падот на цената на „црното злато“ особено будно се следи во Русија, земја погодена од западните санкции, но и водечки производител на нафта во светот.

„Ние губиме околу 40 милијарди долари годишно од геополитичките санкции, а од 90 до 100 милијарди годишно од намалувањето на цените на нафтата за 30%“ – вели рускиот министер за финансии, Антон Силуанов.

ОПЕК во септември го зголеми производството на нафта за 402 илјади барели на ден во однос на претходниот месец, што претставува рекорд во последниве три години. Либија го зголеми производството на 250.000 барели на ден. Саудиска Арабија со ниски цени се обидува да го задржи уделот на пазарот во САД. Во игра се многу земји со различни интереси. Токму за ова ќе биде разговарано и на состанокот на ОПЕК во Виена на 27 ноември. За многумина ова е состанок на годината, бидејќи во ОПЕК членуваат 12 земји – производители на нафта: Саудиска Арабија, Иран, Ирак, Кувајт, Венецуела, Катар, Либија, ОАЕ, Алжир, Нигерија, Еквадор и Ангола, кои контролираат третина од светското производство. Првичните проценки на аналитичари од Голдман Сакс се дека на овој состанок, земјите ќе успеат да се договорат за умерено намалување на производството, но се чини до ваков договор ќе биде тешко да се дојде. Земјите тактизираат меѓу цената и пазарниот удел. Позициите пред Виена се различни.

„Под ниту еден услов нема да се согласиме да го намалиме нашиот пазарен удел, ниту за еден барел“ – изјави Бијан Занганех, министер за нафта на Иран.

„Ние разговаравме со Венуцуела и ќе имаме заедничка позиција. Сакаме да ги заштитиме цените, а за да се постигне тоа е потребно да се намали производството“ – вели претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа.

„Сметам дека нема да се согласиме за намалување на производството. Мислам дека цените ќе се стабилизираат кога ќе се потроши вишокот“- смета министерот на Кувајт.

Се чини дека по овој состанок ќе биде многу појасно што ќе се случува со цената на „црното злато“ на светските берзи. Доколку нема договор, можно е цената да падне и до 60 долари за барел.

 

 

Оцени ја веста

26.11.2014 - 13:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега