Докузовски бесен: Зарем сум будала да прекинам меч при водство со 16 поени разлика?!

Дисциплинската комисија на Македонската кошаркарска федерација ги изрече казните за тренерите на кошаркарскиот клуб Работнички за прекинатиот натпревар со МЗТ Скопје Аеродром. Првиот тренер Марин Докузовски ќе мора да „паузира“ шест месеци, а неговиот помошник Марјан Србиновски три месеци.

За изречените казни попладнево со соопштение до јавноста се огласи поранешниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација и во повеќе наврати тренер на Работнички, Марин Докузовски.

- Јас сум професионалец, чии ингеренции почнуваат и завршуваат на теренот, во работата со играчите. Навистина не ми е јасно зошто сум казнет, па уште и со шест месеци. Па, зарем верувате дека има барем еден тренер во светот кој не би дозволил продолжување на натпреварот во кој неговата екипа води со 16 поени разлика и тоа на 13 минути до крајот. Што сум јас, будала за да се предадам во една таква ситуација? Но, ако некој смета дека работите ќе тргнат на подобро во македонската кошарка ако шест месеци бидам надвор од неа, тогаш нека. Јас не се чувствувам виновен и поради тоа немам намера да се жалам до Арбитражата, вели Докузовски во соопштението.

И, ете, додава, ме казнивте, и сега што? Излегува дека сите се добрите, а само јас лошиот.

- А, зашто во записникот никаде не стои дека заедно со капитенот Петровски и со најискусниот Гечевски буквално го молевме првиот судија да го продолжи натпреварот. Дека од него баравме да се врати на паркетот. Зошто никаде не е наведено неговото арогантно однесување и не сакање воопшто да разговара со нас? Зошто не е казнет комесарот за натпреварување, кој наместо да се крие по паркинзи мораше да биде на местото на настанот и да помага за спортско решавање на проблемот? Сето ова се легитимни прашања на кои никој не се обиде да одговори. Но, важно јас сум обележан како виновник и казнет со шестмесечна суспензија. Па уште таа да ти била демек ублажена поради фактот што сум бил четврти во Европа. Воопшто не морале да го направат тоа, кога веќе сметале дека сум виновен за нешто што ниту еден тренер во светот не би се решил да го направи – да им забрани на играчите на излезат на паркетот во една речиси добиена ситуација против исклучително силен противник, потенцира Докузовски.

Знам, вели, само дека до 2011 година, кога го направивме историскиот успех во Литванија, немаше политичари во македонската кошарка. - Можеби и затоа направивме таков неверојатен резултат. Сега, пак, ситуацијата во клубовите е поинаква, а резултатите на репрезентацијата полоши. Можеби има некаква поврзаност, кој знае, потенцира во соопштението за јавноста Докузовски.

Покрај тренерите Докузовски и Србиновски, со една година е казнет и претстедателот на КК Работнички Горан Геровски.

 

 

Оцени ја веста

21.11.2014 - 19:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега