ФОТО: Дома имам метар вода - страшни слики од поплавите во Куманово

 

Реката Којнарка поплави стотина куќи на улицата “Никола Тесла“, по синоќешните обилни дождови.

Граѓаните од овој дел на градот се револтирани, затоа што за две години трет пат им се случува поплава. Тие велат дека локалната и централната власт си ја префрлаат одговорноста, речното корито не се чисти редовно и тие ги трпат последиците.

“Сите подруми, бавчи, огради се е уништено. Некаде околу 200 метри по течението на реката се е поплавено. Ние како месна заедница се организиравме, собравме и пари и баравме од општина да ни дадат машина и дозвола за да го исчистиме. Почнавме самоиницијативно, но од министерство ни се јавија и децидно ни забранија да работиме бидејќи тоа било надлежност на Република Македонија. Ние не знаеме до кого да се обратиме во оваа држава“ - вели Момчило Трајковски, еден од граѓаните чии домови се поплавени.

И неговиот сосед, Воислав Илиќ вели дека се оставени на милост и немилост.

 

„Уште не сум влегол во куќата, ќе видам после што се ми е уништено. Во помошните простории скоро метар вода имам. Од претходната поплава се сменив, паркет, куќата ја реновирав и сега пак исто. Кога ќе дојдат избори трчаат, не лажат, даноци качуваа, а за нас овде живот нема“ - изјави Илиќ.

Секретарот на општина Куманово, Валентина Алексовска вели дека од нивна страна се преземаат мерки бидејќи освен “Никола Тесла“ се поплавени локалитет “Водовод“ и делот кај Митев мост.

„Екипите на пожарна, екипите на “Водовод“ се на терен, исто така и одредени служби од општината за да помогнат за расчистување на ситуацијата. На “Никола Тесла“ и подолу од Митев мост има поплави, но таму сеуште не можеме да интервенираме, бидејќи уште има надоаѓање на реката. Откако ќе се смири водостојот на реката, ќе се преземат одредени мерки во расчистување и санирање“ - објасни Алексовска.

Насипи од песок биле направени на критичните точни, но несовесните граѓани ги однеле вреќите со песок и затоа доаѓа до излевање.

Поплавени се и куќите од Средорек кои се веднаш до речното корито.

КумановоЊуз

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 12:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега