Јаневска за електронските свидетелства: Децата и родителите немаат потреба да го имаат свидетелството во раце
Од наредната учебна година наместо печатени, свидетелствата од завршени одделенија во основно образование ќе бидат во електронска верзија и дигитално ќе бидат преземани од средните училишта во кои учениците ќе се пријават за упис.
Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека и во овој момент тоа е овозможено преку системот е-дневник, но ќе почне да се применува од идната година откако населението ќе биде повеќе информирано и подготвено за овој дигитален процес.
-Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд ... Не го правиме тоа оваа година затоа што не можеме туку затоа што огромен број наши ученици и родители не знаат како тоа да го направат, особено во рурални средини каде нема опрема и интернет. Дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Очекувам дека следната година барем над 90 проценти ќе може да се заврши така, иако системот и сега е подготвен за тоа, рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настан во Македонската банкарска асоцијација.
Во врска со иселувањето и колку тоа влијае на намалување на бројот на првоодделенци, Јаневска кажа дека точниот број на првачиња кои годинава се запишале во македонските училишта ќе биде познат во септември кога е второто пријавување и тогаш, рече, „ќе може да ги коментираме бројките на евентуално намалување или пораст во одредени општини“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа