Опозицијата го повика Ердоган да престане да ги зголемува тензиите
Лидерот на главната опозициска сила во Турција Народно-републиканската партија повика премиерот да престане да ги зголемува тензиите.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека трпението на Владата е при крај настојувајќи притоа за прекин на протестите. Освен тоа, тој повика во следните денови на големи провладини митинзи во Анкара и Истанбул.
Во коментар објавен во Хуриет, лидерот на НРП, Кемал Калачдароглу изјави дека Ердоган „се обидува да асе завржи на власт со создавање тензии и го фрла општеството во оган“.
Се очекува Ердоган денеска заедно со министри во владата да имаат состанок чиј фокус ќе биде на протестите.
Турски медиуми денеска објавија дека шест турски полицајци извршиле самоубиства од почетокот на протестите во државата. Полицијата беше под остри критики заради употребата на прекумерна сила врз демонстрантите.
Според шефот на полицискиот синдикат Фарук Сезер, полицијата била принудена да работи во „сурови услови“.
Синдикалниот лидер појасни дека полицајци мобилизирани од други градови спијат врз штитовите заради недостиг од сместување што требало да го обезбедат државните власти.
– Насилството, кое го гледате, е резултат од насилството врз полицајците. Тие не само што се подложени на насилство од демонстрантите туку и од 120-часовниот режим на работа и неквалитетна храна, изјави тој. Сезер додаде дека веднаш штом ќе престанат протестите, синдикатот ќе достави до обвинителството докази за тешките услови во кои работат полицајците и ќе поднесат тужба.
Турската полиција денеска се обиде со сила да ги растера демонстрантите во паркот Кугулу во Анкара. Меѓу учесниците во протестот и полицијата дојде до жестока вербална пресметка, по што полицијата се повлече.
Полицијата се обиде да собере дел од шаторите во паркот, бидејќи законот не дозволува без специјална дозвола луѓето постојано да престојуваат во јавните зони и таму да живеат. Демонстрантите најавија дека ќе ги набават потребните дозволи од општината.
Истовремено, по синоќешните судирите низ Анкара, беа уапсени неколку десетици лица.
Турските медиуми објавија дека раководството на владејачката Партија на правдата и развојот донела одлука да се сретне со претставници на демонстрантите во паркот Гези во Истанбул со цел да се изработи „патоказ“ за решавање на ситуацијата.
Партијата, исто така, најави формирање комисија од психолози и социолози што ќе ја разгледаат ситуацијата во општеството и ќе изработат извештај за прермиерот Реџеп Тајип Ердоган.
Турската полиција приведе 13 луѓе кои преку Твитер организирале протести и агитирале преку социјалната мрежа, јави Си-Ен-Ен Турк. Тринаесеттмината се приведени во турскиот град Адана. Меѓу нив се и две жени. Тие биле на информативен разговор во полиција по што денеска се изведени пред истражен судија.
Според медиумот, тие имале намера за напади во време на демонстрации врз владини и партиски објекти, приватни автомобили и врз полицијата.
Минатата недела над 30 луѓе беа приведени во Измир врз основа дека со свои објави на социјални мрежи поттикнувале непријателства и омраза.
Подоцна, приведените беа ослободени.
Истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата Гезиџи покажува одлив на гласовите на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) по бранот антивладини протести во земјата.
Анкетата е спроведена во 36 области на Турција, а анкетираните требало да одговорат за која партија би гласале, ако парламентарните избори се одржат денеска.
Резултатите покажуваат дека за првпат од доаѓањето на власт во 2002 година на владејачката происламистичка АКП на премиерот Реџеп Таип Ердоган има одлив на гласовите.
Поддршката за АКП е намалена на 38,5 отсто и за првпат опозициската Републиканска народна партија и се доближува со поддршка од 38,1 процент.
Другата опозициска Партија на националистичка акција има поддршка од 18,5 отсто, додека прокурдската Партија за мир и демократија ужива поддршка од 8,2 проценти од анкетираните. Резултатите од анкетата покажуваат дека дел од гласовите на владејачката партија преминале на опозициските партии.
МИА