Пратениците расправаат за Законот за земјоделско земјиште

 

Пратениците на денешната 62. седница ја почнаа расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште по скратена постапка. Овој Закон треба да овозможи земјоделското земјиште во државна сопственост да биде предмет на продавање под услови и на начин утврдени со закон.

Ивон Величковски од опозициската Либерална партија реагираше што овој предлог-закон и наредниот што е на дневен ред - Предлог-закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост - се донесуваат  по скратена постапка. Смета дека без увид и стручна расправа се постапува неправилно и се создаваат нови услови за приватизација каква што имаше во 1990-тите.

- Создавате иста средина и исти последици како непромислениот начин на  приватизација во 1990-тите години. Го поддржуваме концептот на приватна сопственост, но создавате услови мала екипа, владина или  политичка олигархија, да одлучува за прашања од кои ќе зависи профитот и производството од земјоделското земјиште, рече Величковски. 

Владејачкото мнозинство му возврати дека имало јавна расправа со земјоделците од која произлегле насоките за овој закон. 

- Тезата дека нешто се прави заткулисно, не држи. За законот имаше јавна расправа и можевте да присуствувате таму, како и на седница на Комисијата за земјоделство, рече  Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија.

На барање на пратениците од ДПА, собраниската седница е прекината еден час и ќе продолжи во 12.45 часот. 

најчитано сега