Општина Охрид ја презема обврската да ја плати струјата на ОУ „Григор Прличев“
Општина Охрид ќе ја преземе исплатата на долгот што кон ЕВН го има најголемото основно училиште во градот. Тоа е одлуката што ја донесоа советниците на попладневната вонредна седница посветена на прашањето за нормално функционирање на училиштето „Григор Прличев“ каде од минатата недела се одвива скратена настава поради тоа што објектот беше исклучен од електричната мрежа.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески истакна дека очекува после стапувањето на одлуката на сила, училиштето повторно да добие струја и да продолжи непреченото одвивање на наставата.
- Со одлуката за плаќање на средствата преку општинската сметка, се надеваме дека уште во текот на утрешниот ден, по стапување на сила на одлуката и исплатата на неподмирените обврски кон „ЕВН Македонија“, ќе може да продолжи непречено одвивањето на наставата во училиштето, потенцира Бакрачески.
Станува збор за долг од 813 илјади денари, средства што поради блокирана сметка училиштето не можеше да ги плати. Сметката на училиштето е блокирана од пред осум месеци, поради доспеано извршно решение за надомест за експропријација на земјиште по побарување од 1989 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа