ФОТО: Бутел доби повеќенаменско спортско игралиште

 

Комплетираното 26-то повеќенаменско игралиште од проектот за изградба на 100 повеќенаменски маалски игралишта во државава, кои ги реализира Агенцијата за млади и спорт, денес беше предадено во употреба во општината Бутел.

Директорот на АМС, Марјан Спасески во придружба на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот Петре Латиновски го упатија првиот шут кон голот и свечено го ставија во функција повеќенаменското игралиште во населбата "Мара Междуречка".

-Во изминативе неколку месеци имавме одлична динамика на реализацијата на проектите во делот на капиталната спортска инфраструктура. Ова е 26-то повеќенаменско игралиште кое го ставаме во употреба, 23 низ целата држава се завршени и подготвени за свечено отворање, а во фаза на градба се уште 5. Изградивме 32 спортски сали од проектот за изградба на "35 спортски сали", а последните 3 се во фаза на градба. Од проектот за изградба на "120 тениски терени", 39 се завршени, а 28 се во фаза на градба, со што овозможуваме одлична основа за создавање на нови спортски ѕвезди и ја потврдуваме заложбата на Владата за создавање психо-физички здрава младина, оттргната од пороците на модерното живеење, истакна директорот Спасески.

Тој им порача на младите од општината Бутел да спортуваат и да го развиваат спортскиот дух, бидејќи, како што рече, Агенцијата ќе биде секогаш тука да го следи секој нивни успех и да го вреднува секој нивни резултат.

 

Министерот Спасов информираше дека соработката на министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за млади и спорт е на одлично ниво и во таа насока, Агенцијата веќе во следниот период ќе инвестира во изградба на спортска сала во Домот за деца без родители "11-ти Октомври" во Капиштец, како и во изградба на повеќенаменско игралиште во Домот за згрижување деца со воспитно-социјални пробелми "25-ти Мај" во општината Бутел.

-Со овие капитални објекти во спортот, Владата заокружува еден концепт на создавање здрава нација, и одлична превентива за младите во борбата против пороците. Впрочем, сите инвестици во спортската инфраструктура се со единствена цел, а тоа е да се поттикнат развојот на спортот и здравите навики кај младите, заврши Спасов.    

       

Градоначалникот Латиновски се заблагодари на Владата и Агенцијата за млади и спорт за досега изградените 2 спортски сали, 2 повеќенаменски игралишта и тенискиот терен во нас. Радишани и порача дека токму тие се спортскиот белег на општината Бутел.

16.11.2014 - 15:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега