Ристовски чувствува потреба да помогне на старите лица - продолжува проектот „Супер Марио“

 
Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески денеска го потпиша договорот за продолжување на  проектот „Супер Марио“ помеѓу општината и Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески Платник“ кој се однесува на подобрување на животот на старите и изнемоштени лица во домашни услови.
 
Според градоначалникот Ристески, општината го продолжува проектот зашто чувствува обврска да им се помогне на старите лица.
 
Со потпишувањето на договорот со Домот за стари лица продолжува овој многу корисен и битен проект, пред се за старите и изнемоштени лица кои ќе продолжат да добиваат помош и нега од волонтерите за да им се олесни животот, рече Ристески.
 
Директорот на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“, Дарко Рибар појасни дека проектот се однесува на помош во домашни услови, а се опфатени 100 семејства со стари лица и грижата за нив.  
 
- Домот за стари лица „Киро Крстески- Платник” со реализација на проектот „Супер Марио”, ќе обезбеди подобрување на квалитетот на живот на 100 семејства со стари лица на возраст над 65 години, во период од 12 месеци преку директна поддршка и помош да ги набавуваат основните животни продукти и одржување на хигиената на нивните домови. Тоа ќе го прават волонтерите, рече Рибар.
 
За спроведување на планираните активности со проектот „Супер Марио”, општината Прилеп обезбеди еден милион и 200 илјади денари и, како што потврди градоначалникот Ристески, во иднина ќе продолжи со поддршка на старите и изнемоштени лица.
 
И првиот дел од проектот „Супер Марио“ опфаќаше грижа во домашни услови за 100-ина стари и изнемоштени лица во траење од една година. 
13.11.2014 - 14:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега