Изложба за 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

 

Вечерва во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Недовршени модернизации: помеѓу утопијата и прагматизмот“. Изложбата се одржува по повод 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и ќе може да се посети до крајот на месецов.

Изложбата е завршница на двегодишниот истоимен проект, реализиран од Здружението на хрватските архитекти од Загреб, Орис куќа на архитектурата од Загреб, Музејот за архитектура и дизајн од Љубљана, Уметничката галерија од Марибор, Здружението на архитектите на Белград и Коалицијата за одржлив развој од Скопје.

Таа е дел од европската програма Култура 2007-2013 и е иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектурата и урбаното планирање на просторите на поранешна Југославија, создавани во периодот од почетокот на заедничката социјалистичка држава до денес, од аспект на поширок социјален, политички и културен контекст. 

- Преку изложбата се претставени карактеристичните архитектонски и урбанистички практики од периодот на социјализмот во однос на општествениот контекст во кој тие настанале, но и нивниот сегашен изглед и карактер. Опфаќајќи ја целокупната работа на истражувачите од Хрватска, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и од Словенија, изложбата, освен со естетските и технолошките достигнувања на архитектонските и на урбанистичките проекти, се занимава и со општествената перспектива на процесите што влијаеле врз развојот, постоењето и распадот на Југославија, соопшти Музеј на Град Скопје.

ФОТО: Курир