Иванов ги слушна проблемите на Македонците од Србија

Претседателот Ѓорге Иванов во рамки на официјалната посета, во Панчево се сретна со претставници на Националниот совет на македонската заедница во Република Србија кои од него побараа да ги пренесе нивните заложби за што посилно вклучување на матичната земја во образованието на најмладите.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа разменети мислења за предизвиците и можностите за македонската заедница во доменот на зачувување и промовирање на македонскиот јазик, култура и традиција, учеството во општествениот и политичкиот живот.

Борче Величковски, прв човек на Националниот совет на Македонците во Србија рече дека тие бараат посилно вклучување на матичната земја во областа на образованието за да може се работи со најмладите.

– Македонскиот јазик е воведен пред две години во образовниот систем во Република Србија, а борбите и битките сега ги водиме околу правење на букварите и на македонските одделенија, од претседателот Иванов.

Целта на Националниот совет, според него, е преку образованието на македонски јазик да придонесува кон негување и промовирање на македонскиот идентитет кај македонската заедница во Република Србија.

Со матичната држава, вели Величковски, комуникацијата е се подобра.

- Од 2010 можам да кажам дека комуникацијата не само што е редовна, што покажува и оваа посета, веќе не е само декларативна туку и реална. Република Македонија ни помага во многу наши активности. Имаме испратенио преку 150 студенти кои се испратени во Македонија на студии, ни помага преку проекти, што е еден нов момент. Она што е исто така битно е доаѓањето на првата мобилна станица на полицијата во амбасадата преку која нашинците можат да вадат свои документи, изјави Величковски.

Претставниците на Националниот совет изразија благодарност за континуираната поддршка што ја даваат македонските институции и Република Македонија како матична држава. Во таа смисла, беше истакнат и ангажманот на претседателот Иванов за младите лидери. Форумот на млади е инвестирање во иднината и градење млади лидери на македонската заедница во Република Србија.

Во Србија, според последниот попис има 25.000 Македонци, но според неофицијалните податоци на ОБСЕ во оваа соседна земја живеат околу 150.000 лица со македонско потекло. Во општина Пландиште македонскиот јазик е официјален покрај српскиот од декември 2012 година, а во неколку училишта се учи на македонски јазик.

Претседателот Иванов денеска ја завршува неколкудневната официјална посета на Белград.

02.11.2014 - 10:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа