Парични казни за три угостителски објекти - прекршен законот за пушење

Државниот пазарен инспекторат на Република Македонија, преку Одделението за инспекциски надзор Скопје во период од 24 до 29 октомври, изврши инспекциски надзори над работењето на повеќе угостителски објекти.

Предмет на надзорот беше Законот за заштита од пушењето, пушење во угостителски објекти како и пушење во просторот кој е наменет и уреден пред угостителскиот објект-тераси и Законот за угостителска дејност, информираат од Државниот пазарен инспекторат.

Извршени се надзори на Кеј 13 ноември- општина Центар, ТЦ Лептокарија- општина Карпош, улица Македонија- општина Центар, општина Аеродром и општина Кисела Вода.

Спроведени се вкупно 41 инспекциски надзори, при што кај 3 угостителски објекти констатирани се прекршувања на законските одредби.

За констатираните недостатоци преземени се соодветни законски мерки и издадени се платни налози во вредност 2.000 евра за правно лице и 500 евра за одговорно лице во правно лице.

Активностите на Државниот пазарен инспекторат за контрола на угостителските објекти ќе продолжат да се спроведуваат на територијата на Градот Скопје и во наредниот временски период, согласно Законот за заштита од пушењето и Законот за угостителска дејност со акцент на почитување на работното време и почитување на забраната за пушење.

31.10.2014 - 17:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа