Грција дополнително ќе ја засили Морнарицата во источниот Медитеран

 

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос денеска најави дека Грција ќе го засили присуството на својата Воена морнарица во источниот Медитеран, како дел од мисиите во рамки на операциите на НАТО и ОН.

Венизелос прецизира дека неговата земја ќе испрати фрегата и подморница, притоа отфрлајќи ги тврдењата дека тоа е одговор на турските сеизмички истражувања во водите јужно од Кипар.

Шефот на грчката дипломатија денеска во Никозија се сретна со министрите за надворешни работи на Кипар и Египет, со кои ги рзгледаа подготовките за трилатералната средба на врвот меѓу Грција, Кипар и Египет во Каиро, планирана за следниот месец.

Владите на трите земји веќе ја повикаа Турција да ги прекине истражувањата на резервите од гас во источното Средоземје.

Министрите за надворешни работи ги осудија „незаконските активности“ на Турција во посебната економска зона на Кипар, како и неодобрените сеизмички истражувања во неа.

Кипар минатата недела го осуди присуството на турски бродови во неговата посебна економска зона, југоисточно од островот, вклучувајќи и брод за сеизмички истражувања, што има за цел да го открие присуството на јаглеводороди. Овие кативности се изведуваат во непосредна близина на секторот во кој работи италијанско-корејскиот конзорциум ЕНИ-Когаз, што има добиено лиценца од кипарската Влада.

29.10.2014 - 17:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега