Тодоров: Не е лесно со ЛГБТ организации да се усогласиме за законот за абортусот
Министерот за здравство Никола Тодоров на денешната расправа на собраниската Комисија за здравство потенцираше дека при носењето на вакви закони не може да се постигне согласност од сите страни. Тодоров информираше дека сите забелешки кои се земени предвид и врз основа на кои се донесени заклучоците за одложување на донесувањето на Законот за прекинување на бременоста, всушност се поднесени од ЛГБТ организации, односно од либералните невладини организации кои се занимаваат со маргинализираните групи.
- Не може да се верува дека со организации што застапуваат вакви права може да се усогласиме околу прашањето за абортус, истакнал Тодоров на денешната расправа.
Министерот праша како се очекува да се постигне согласност помеѓу пролибералните и конзервативните ставови, напоменувајќи дека тој не се залага ниту за либерален абортус, ниту за конзервативно уредување. Тодоров појаснил дека ова законско решение го штити здравјето на жената и е едно од најлибералните во Европа.