Посетата на Путин, корист или штета?

Рускиот претседател  Владимир Путин ќе допатува во посета на Белград, трета по ред во 13 години, но овој пат, се чини, под будно око на светскиот мониторинг и кај нас.

Путин доаѓа во Белград на 16 октомври по повод прославата за 70 годишнината од ослободувањето на Белград, објавено е пред една недела, но копјата за тоа дали од неговата посета по Србија ќе направи повеќе штета или корист, се кршат многу долго.

Србија е единствена од државите кандидати за членство во ЕУ која не воведе санкции против Русија, поради Украина, а Западот очекува Белград појасно да одбере страна кога се работи за украинската криза, т.е. да се откаже од инсистирање на избалансиран став.

Од Брисел, Берлин, Вашингтон, инаку во своевидната нова студена војна со Москва, официјално порачуваат дека немаат никаков проблем со посетата на Путин на Белград.

Меѓутоа, неофицијално можат да се слушнат предупредувања дека ЕУ со зголемена загриженост гледа на зголеменото руско влијание не само во Србија, туку и во другите земји на Западен Балкан.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ порача дека Србија не се срами кога зборува за посетата на Путин и дека се гордее со својата антифашистичка борба, а дека на рускиот претседател отворено ќе каже дека Србија се наоѓа на европскиот пат.

– Ова е Србија која не се срами и која води јасна надворешна политика – порача Вучиќ и потсети дека истите ставови ги изнесува на секое место и пред сите, и во Брисел и Москва и Вашингтон.

Амбасадорот на Русија во Белград Александар Чепурин смета дека посетата на Путин нема да наштети никому.

– Посетата нема да трае долго, но ќе биде интензивна. Ќе има и емотивна конотација, но и практичен, економски карактер. Никому нема да наштети – рече тој неодамна.

Коментирајќи го барањето на Брисел дека Србија порано или подоцна ќе мора јасно да ја одреди страната по повод украинската криза, Чепурин вели дека Србија нема да презема потези кои би нанеле штета на руско-српските односи и дека Москва цврсто смета дека движењето на Србија кон ЕУ нема да нанесе штета на билатералните односи со Русија.

Што се однесува до Брисел, европскиот комесар за проширување во заминување, Штефан Филе вели дека таа посета не треба никого да го загрижува во Европа и дека Србија повеќе пати јасно ја демонстрирала својата европска ориентација, за таа да биде загрозена или променета поради една посета.

Меѓутоа, неговиот наследник Јоханес Хан, вели дека Србија, ако сака да стане членка на ЕУ, мора внимателно да ја разгледа својата одлука да не ги поддржи санкциите на Унијата против Русија, а со иста порака се огласи шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Мајкл Девенпорт.

Во извештајот за напредокот на Србија кој е објавен на 8 октомври, наведено е дека Србија треба прогресивно да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ, до приклучувањето во Унијата.

Забележано е дека Србија начелно го поддржува суверенитетот и територајлниот интегритет на Украина, иако беше воздржана при гласањето во генералното собрание на ОН и констатирано е дека Србија не се приклучува на санкциите против Русија, но дала гаранција дека нема да го искристи руското ембарго на увоз на храна од ЕУ да го зголеми сопствениот извоз.

Меѓутоа, според еден неименуван функционер на ЕУ, Брисел со се поголема загриженост го следи продорот на Русија на Западен Балкан, што се доживува како закана за стабилноста и на европските интеграции во регионот.

– Руската помош секогаш има своја цена – рече еден неименуван функционер на ЕУ и предупреди дека треба да се види како поминаа Белорусија и Казахстан, кои со Русија влегоа во бесцаринската унија.

– Пазете се од Русите и кога носат подароци – парафразираше тој претставник.

Со премиерот Вучиќ пред неколку дена разговараше и американскиот потпретседател Џозеф Бајден, за поддршката на Вашингтон за реформите кои се пред Србија. Немаше информации за тоа дали посетата на Путин била една од темите, но зборовите на блиската соработничка на американскиот претседател Карен Донфрид дека во таа посета нема ништо спорно, но дека меѓународната заедница со големо внимание ќе ги следи пораките кои ќе се кажат, потврдуваат дека ни Вашингтон не е рамнодушен.

И американскиот амбасадор во Србија Мајкл Кирби се занимаваше со таа посета, прашувајќи зошто воопшто Путин доаѓа во Белград, кога градот го ослободи Третата украинска армија (група на армија од Третиот украински фронт), како дел од Црвената армија, влегувајќи со тоа во полемика со Чепурин.

Специјалниот пратеник за југоистична Европа на Турција и ЕФТА во Министерството за надворешни работи на Германија, Ернст Рајхел рече дека очекувањата на ЕУ се Србија полека да се приклучи кон позициите на Унијата.

Со посетата на Путин се занимаваа и многу луѓе дома.
Дел од опозицијата, како лидерот на Новата партија Зоран Живковиќ, смета дека нема дилеми дали треба да биде домаќин на моќниот руски лидер, но дека моментот на посетата не е најдобар.

Во медиумите имаше многу неименувани стравови дека доаѓањето на Путин ќе ги загрози позициите на Србија на Запад.

Според истражувањата на агенцијата Фактор плус, две третини граѓани имаат позитивен став кон доаѓањето на шефот на руската држава во Белград.
Вон сите тие дилеми се очекува главни теми на највисоките претставници на двете земји, кои имаат Договор за стратешко партнерство, да бидат политички, но пред се економската соработка на двете држави.

Енергетиката и развојот на српската железница треба да бидат на врвот на приоритетите, но и привлекување на руски инвестиции и инвеститори во областа на преработка на овошје, зеленчук и месо.

Белградските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори од владата, најавуваат дека ќе се разговара за листа на производи кои се на режимот за извоз во Русија без царини и можноста на листата да се уфрлат неколку илјади возила од Фиат во Крагуевац, како и сирење и цигари.

Се потсетува дека бесцаринскиот извоз на автомобили на Фијат во Русија одамна е еден од важните стопанскик цели на Србија и најавуван е како можност и пред неодамнешната посета на премиерот Александар Вучиќ на Москва.

Односите меѓу двете земји ги карактеризира и Договорот за слободна трговија на поранешната СРЈ (на кој Србија е исклучиво правен наследник) и Русија, склучен во 2000 година. Врз основ на тој договор Србија е единствена земја надвор од ЗНД која има обезбеден вонцарински пристап на рускиот пазар.

На режимот на слободна трговија се наоѓаат околу 95 отсто производи од Србија, но со него не се опфатени производи од автомобилската индустрија.

Една од главните теми ќе биде и проектот Јужен тек, а во врска со тоа српскиот премиер рече дека неговата изградба во Србија зависи од договорот на Русија со ЕУ.

– Треба да се види, како и каде сме дошле по повод прашањето за Јужен тек и што да правиме ако некој ни го заврти вентилот со гас, на кој начин, од каде ќе се снабдува Србија – рече премиерот.

За соработката со Руски железници, Вучиќ неодамна потсети дека Србија со Русија склучи договор за кредит од 800 милиони долари, наменет за развој и модернизација на железничката мрежа.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров неодамна најави дека за време на претстојната посета на Путин ќе бидат разгледани заедничките проекти на двете земји.

Посетата на претседателот на Русија ќе биде негова трета посета на Белград. Во 2001 година ја посети Србија како шеф на државата, а 10 години подоцна и како премиер.

Путин во Русија се состана со претседателот на Србија Томислав Николиќ во пет наврати од средината на 2012 година, а со премиерот Александар Вучиќ во јули оваа година.

МИА

14.10.2014 - 11:39


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега