Старото кино во Кисела Вода ќе се реконструира во Дом на културата

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска заедно со градоначалничката на Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска го посетија објектот на старото кино во таа општина, кој се реконструира и адаптира во нов мултифункционален објект Дом на култура. Се планира објектот да биде целосно завршен до крајот на 2015 година. 

Министерката Канческа-Милевска изјави дека се почитува динамиката во однос на изградбата на Домот на културата. Појасни дека првата и втората фаза се целосно завршени и веќе се оди кон третата фаза односно бетонирање, поставување челична конструкција.

- Овој објект ќе биде од огромно значење за сите граѓани на Кисела Вода. Во овој објект порано се сеќавам на времето доаѓавме често, следевме голем број на филмски претстави бидејќи ова беше кино сала. Со изградбата на овој мултимедијален објект мислам дека ќе има најразлични содржини, една побогата културна понуда во Кисела Вода, рече Канческа-Милевска.

Овој проект, посочи, се наоѓа во програмата на Владата и на Министерството за култура и во соработка и заедничко инвестирање и со општината Кисела Вода планираме објектот до крајот на 2015 година да биде целосно завршен токму во одбележувањето на големиот јубилеј од постоењето на општината.

- Финансиите се обезбедени и оваа година во буџетот на Министерството за култура, истакна министерката Канческа Милевска и им се заблагодари на градоначалничката на Кисела Вода за нејзиното огромно залагање во изградбата на објектот, на тимот во општината и во Министерството за следење на динамиката на градежните активности, како и на фирмата која ја работи целосната реконструкција.

Потенцира дека во објектот ќе има прекрасна сала и покрај постоечките 140 седишта се очекува да има зголемување до 170 седишта и додаде дека станува збор за мултимедијален простор каде ќе има и посебна библиотека, читачка сала...

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ рече дека ставена е кровна конструкција на објектот. Идејата, посочи таа, беше што поскоро да се затвори објектот за да може и во зимски услови градежните работи да се одвиваат во неговиот внатрешен простор за да може да се стигне со реализација до крајот на 2015 година кога Кисела Вода слави 60 години од постоењето.

- Ваков репрезентативен објект заслужува оваа општина како најстара со оглед на фактот дека во моментов сигурно има над 70.000 жители. Очекуваме во иднина овој простор да биде заживеан онака како што заслужува. Имаме некакви првични идеи како би функционирал, додаде Беличанец-Алексиќ. 

13.10.2014 - 13:53


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега