Иванов: Знаењата имаат смисла само кога ќе се пренесат на младите
„Ако генетскиот код се пренесува преку крвното сродство, тогаш професионалниот, вредносниот и етичкиот код се пренесува преку менторството. Знаењето, искуствата и вештините што сме ги стекнале имаат вистинска смисла само ако ги пренесеме на наредната генерација. Да се биде ментор значи да се служи, да се инвестира дел од себе во генерациите што доаѓаат. Верувам дека токму во тоа се состои вредноста на Македонската мрежа на ментори“
Ова го истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање на Првата регионална Конференција за вмрежување „Биди ментор, промени нечиј живот“.
Улогата на менторот, додаде Иванов, не е само да го пренесува знаењето, ниту пак само да го објаснува. Менторот треба пред сè да инспирира, мотивира и трансформира.
- Ова го знам од лично искуство. Како универзитетски професор, ја имав честа да бидам и ментор на повеќе мои студенти. Знам колку е благородно чувството да се помогне и да се биде сведок на професионалниот, но и на животниот раст и развој на луѓето што ги менторираме, рече Иванов.
Според него, со менторство, освен што може да се пренесе знаењето на помладите, може и многу да се научи. Пред се да се научи, како што рече, дека секогаш е поблагородно да се дава отколку да се прима.
- Треба да се трудиме да им помагаме на оние на кои им се потребни животни и професионални насоки. Треба секогаш да сме подготвени преку насочување, охрабрување и поттикнување да промениме нечиј живот на подобро. Плутарх вели дека умот не е сад што треба да се наполни, туку оган што треба да се разгори. Верувам дека луѓето треба да се учат како да размислуваат, а не што да размислуваат. Ако човека го учите што да размислува, тоа води кон бесплодно едноумие. Но, ако човека го научите како да размислува, вие сте создале човек со слободен, отворен ум. Тоа, според мене, е целта на менторот. Да им помага на луѓето да ги отворат своите умови, да размислуваат надвор од кутијата, да наоѓаат нови решенија на проблемите, свесни за претходните искуства, истакна претседателот Иванов.
Тој верува дека сите кои имале можност да менторираат ќе се согласат со ставот дека е незаменливо чувството на исполнетост кога ги гледате младите како успеваат.
- Речено е дека „успехот не доаѓа како резултат на тоа да се биде 100 проценти подобар од вашата конкуренција, туку од тоа да се биде 1процент подобар во сто различни начини“. Ако работиме наместо само да сонуваме, ако инспирираме наместо само да поучуваме, ако учествуваме наместо само да припаѓаме, тогаш ќе бидеме пример за идните генерации и ќе понудиме стабилни етички и морални вредности, истакна македонскиот претседател.
Додаде дека само со посветеност, грижа и трпение ќе ги охрабриме младите луѓе да живеат во согласност со врвните етички вредности.
- Само така ќе им ги пренесеме животните и професионални принципи, кои подразбираат самодоверба, трудољубивост, почитување на различното мислење, почитување на правилата на играта и развиено чувство на одговорност. Само така ќе изградиме доблесни млади луѓе кои се неопходни во секоја општествена сфера од животот. Во економијата и политиката, образованието и науката, културата и спортот, рече тој.
За таа цел, како што истакна, го формирал и Школото за млади лидери, каде што докажани лидери од целиот свет ги споделуваат своите знаења и искуства со најуспешните млади луѓе од секоја генерација. Ангажманот на младите лидери не завршува со школото, туку продолжува во Алумни асоцијацијата – ИСЛАА, која преку својата мисија остава печат.
Со менторското вмрежување, што е тема на конференцијата, според претседателот Иванов, земјите од регионот прават уште еден важен чекор за натамошно вклучување и охрабрување на младите жени со претприемачки дух.
- Иако станува збор за млада иницијатива, досегашното искуство покажа дека Македонската менторска мрежа гради успешен модел на менторирање. Успехот е секогаш поголем ако се сподели со другите. Тоа е и суштината на ова регионално вмрежување. Ние не треба да се стремиме само кон градење успешни генерации во Република Македонија, туку да инвестираме и да разменуваме искуства со сите земји од регионот, истакна Иванов.
Конференцијата „Биди ментор, промени нечиј живот“ се одржа во организација на „Македонската мрежа на ментори“ и Американската амбасада.
Форумот е наменет за размена на искуства и вештини меѓу претприемачи, експерти, стопанственици и владини претставници, со цел да се поттикне важноста на менторскиот процес, како и вмрежувањето во Република Македонија и во регионот.
На регионалната конференција, освен од Македонија, учествува предавачи и гости од земји од Европа и Америка.
Менторството претставува воспоставување доброволен партнерски и едукативен однос во кој менторот преку своето професионално знаење и искуство дава поддршка за штитеникот (менторираното лице) кое е во своите професионални почетоци.
Здружението „Македонска мрежа на ментори” (МММ) од Скопје, е формирано со слободно здружување на граѓани за вршење активности во односите ментор-штитеник (менториран), користејќи го искуството и професионалноста на економски, социјални, културни, стручни, технички, образовни, спортски и други полиња, интереси и уверувања. Проектите и активностите на МММ се поддржани и финансирани од Американската амбасада во Скопје.