Македонија и гостува на Украина во третото коло од квалификациите за ЕП 2016

Македонската фудбалска репрезентација попладнево во Лвов, против Украина ќе го одигра третиот натпревар во квалификациите за Европското првенство 2016 година во Франција.

По победата над Луксембург, самодовербата на избраниците на селекторот Бошко Ѓуровски е на повисоко ново, но сепак црвено-жолтите не ги зафаќа еуфорија, напротив, со ладни глави го исчекуваат денешниот дуел со Украина.

- Не очекува тежок меч, сосема различен од оној во Скопје против Луксембург. Меѓутоа, понесени од самодовербата која ни ја донесе победата, се надеваме на добар резултат и тука во Лвов. Фаворитската улога им ја препуштаме на Украинците и тука ја гледаме шансата. Зошто и да не ги изненадиме, изјави вардаровиот фудбалер Никола Глигоров.

Глигоров заедно со Бесарт Абдурахими, се очекува да бидат во стартниот состав на селекторот Ѓуровски, кој на овој натпревар против Украина не ќе може да смета на повредените, Агим Ибраими и Мухамед Демири.

Натпреварот Украина – Македонија ќе започне од 18 часот, а се игра во рамките од групата „Ц„ во кој вечерва (од 20.45 часот) уште ќе играат, Луксембург – Шпанија и Белорусија – Словачка. 
Табела: Словачка 6 бодови, Шпанија 3, Македонија 3, Украина 3, Луксембург 1, Белорусија 1.

Денеска ќе се играат натпревари уште во две групи и тоа:

Група Е: Естонија – Англија и Литванија – Словенија. 
Табела: Англија 6 бодови, Литванија 6, Естонија 3, Словенија 3, Швајцарија 0, Сан Марино 0.

Група Г: Русија – Молдавија, Австрија - Црна Гора и Шведска – Лихтенштајн. 
Табела: Русија, Австрија, Црна Гора по 4, Шведска 2, Лихтенштајн 1, Молдавија 0.

12.10.2014 - 10:11


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега