"Македонија секогаш била на страна на демократијата" - честитка од претседателот Иванов

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание во Република Македонија упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

- На овој историски ден во 1941 со нападите на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ врз полициската станица и затворот во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно ослободителна борба. Преку оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Токму со 11 октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Македонските граѓани знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја, стои во честитката од претседателот Иванов. 

Денес после 73 години, се подвлекува, не бледнее споменот на 11 октомври и на народно ослободителната борба, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината.

- Победата беше извојувана со невиден хероизам, смелост, непоколебливост и саможртвување. Наследството кое ни го оставија македонските борци - слобода и мир нема да дозволиме никогаш да ни биде одземено и загрозено. На овој голем  празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата, се вели во честитката од претседателот Иванов до граѓаните по повод 11 Октомври.

11.10.2014 - 10:33


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега