Прв едукативен прирачник на македонски јазик за лекови и видови терапии за ревматолошки заболувања

Прв едукативен прирачник на македонски јазик за лекови и видови терапии за ревматолошки заболувања за пациентите до крајот на годинава ќе обезбеди невладината организација за ревматизам и артритис (НОРА), која денеска под мотото „Мојата порака до артритисот“, го одбележа 12 октомври, Светски ден на артритисот.

Од НОРА денеска на прес-конференција истакнаа дека едукацијата за лекови и видови терапии кои се користат кај ревматолошките заболувања им е неопходна на пациентите кои сакаат да добијат повеќе информации на тие теми.

Според претставници на таа невладина организација, пациентите имаат минимално познавање за лековите кои се користат и тешко ги следат протоколите за лекување и насоките од докторите.

- Поради недоволната информираност за тоа како делуваат лековите, пациентите имаат недоверба во терапиите кои се достапни, одбивност и страв од лекот, што често резултира со прекинување на терапијата. За таа цел НОРА ќе издаде џебен прирачник за различни групи лекови, напишани на јазик разбирлив за пациентите, како би им се поттикнала самоувереноста за терапиите и би им се овозможило поуспешно третирање и справување со ревматолошките заболувања, посочија од НОРА.

Потпретседател на НОРА, Сузана Божарова истакна дека очекуваат таквите проекти кои директно одговараат на потребите на пациентите да бидат поддржани од фармацевтските куќи, здравствените работници, здравствените институции и сите засегнати страни. 

10.10.2014 - 15:10


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега