Доделени дипломи ДЕЛФ во Тетово и во Гостивар

Во просториите на француската Алијанса во Тетово денеска 16 деца и 5 возрасни од Тетово и од Гостивар ги примија дипломите ДЕЛФ, кои се официјално издадени од страна на француското Министерство за национално образование како потврда за владеењето со францускиот јазик на странски кандидати и Французи по потекло од земја која не е франкофонска. 

Според директорката на францускта Алијанса во Тетово, Жули Шамберленд денешната свеченост има големо значење за ширење на францускиот јазик и култура во овој регион од Македонија, која е земја членка на унијата на франкофонија во светот. Дипломите на кандидати им ги додели градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи, која беше претставена како голем франкофон и франкофил.

- Ова е само продолжување на добрата соработка што ја имаме со француската Алијанса во Тетово и амбасадата на Франција во Скопје. Пред десеттина денови имавме заеднички состанок со претставниците на амбасадата и се договоривме за повеќе помали и поголеми проекти што ќе ги реализираме заедно со францускта Алијанса во следниот период во општина Тетово. Францускиот јазик има големо влијани во светот и со негово изучување особено помладите им се отвараат нови хоризонти бидејќи стекнуваат можност за студирање на некои од француските универзитети што се големо реноме во светски рамки, изјави Арифи.

Дипломите ДЕЛФ се состојат од 4 независни дипломи што одговараат на четирите нивоа од Европската рамка за класификација на јазиците и што исто така се признати на меѓународно ниво. Овој сертификат се издава во повеќе од 1000 испитни центри за француски јазик во 164 земји вклучувајќи ја и Француската Алијанса од Тетово во соработка со Францускиот Институт од Скопје. 

10.10.2014 - 15:08


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега