Британски здравствени власти: Мала е веројатноста дека починатиот во Македонија имал ебола

 

Претставници на англискиот Завод за јавно здравје велат дека е малку веројатно смртта на нивниот државјанин во Македонија да е предизвикана од ебола и покрај сличните симптоми.

- Заводот за јавно здравје на Велика Британија е свесен дека постои непотврден извештај за британскиот државјанин кој почина во Македонија, кој можеби имал слични симптоми на ебола. Ние сметаме дека е малку веројатно ебола да е причина за смртта, но ќе ја продолжиме соработката со партнерите во истрагата, изјави доктор Брајан Меклоски од Заводот за јавно здравје на Англија, пренесуваат „Индипендент“ и „Телеграф“.

Во меѓувреме, британското Министерство за надворешни работи објави информација за граѓаните заинтересирани да патуваат во Македонија, во врска со случајот на британскиот граѓанин кој почина во четвртокот во Клиниката за инфективни болести во Скопје.

- Македонските здравствени власти соопштија дека на 9 октомври личност
со симптоми кои наликуваат на ебола починала во болница во Скопје. Тие
спроведуваат тестови за да ја утврдат причината за смртта. Сепак,
сметаме дека најверојатно не се работи за ебола. Македонската Влада
најави дека спроведува насоки и протоколи добиени од Светската
здравствена организација за справување со високо-ризични болести,
пишува во информацијата на британското Министерство за надворешни
работи.

Педесет и осум годишниот Британец почина вчера попладне на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој престојувал во еден скопски хотел, а попладнето во лоша здравствена состојба бил пренесен на Инфективната клиника каде што набргу починал. Во болницата веднаш се преземени сите безбедносни процедури, а персоналот што имал контакт со починатиот е ставен во карантин. Во карантин се и вработените и лицата во хотелот каде што престојувал британскиот државјанин. 

Доктор Јованка Костовска, претседател на Комисијата за превенција на заразни болести синоќа изјави дека засега не може да се потврди дали станува збор за ебола или за друга болест. - Тоа треба да го покажат тестовите од обдукцијата и од анализата на примероците од пациентот што ќе бидат направени во Германија, рече Костовска. 

10.10.2014 - 09:35


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега