Премиерот Груевски се сретна со турскиот вицепремиер Куртулмуш

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Скопје се сретна со вицепремиерот на Република Турција,  Нуман Куртулмуш.

На средбата, информирааат од Владината прес-служба, соговорниците ги поздравија одличните политички односи помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, и изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд на развој на истите кој се карактеризира и со редовни средби на највисоко ниво.

Соговорниците истакнаа силна посветеност за интензивирање на економската соработка, трговската соработка и соработката на полето на инвестициите, потенцирајќи дека постојат можности за унапредување на обемот на трговската размена од постоечките 400 милиони долари до 1 милијарда долари на годишно ниво.

Стана збор и за можностите за дополнителна соработка на полето на реализацијата на странски директни инвестиции од Република Турција во Република Македонија, при што беше разгледувана темата за формирање на специјална технолошко индустриска развојна зона во која би биле алоцирани поголем број на турски компании. Во оваа насока беа претставени повеќе опции за нејзина реализација, за што двете страни ќе продолжат со интензивните консултации во поглед на сите аспекти кои се од значење за процесот.

Премиерот Груевски се заблагодари и за поддршката која Република Македонија ја добива од Република Турција во врска со прашањата од национален и државен интерес, и нашата евроатланска интеграција. Премиерот Груевски ја истакна посветеноста на Владата за реализација на реформи за унапредување на стандардите и можностите во сите општествени сфери.

Турскиот вицепремиерот Куртулмуш истакна дека Република Турција целосно ги поддржува интеграциските процеси на Република Македонија и ќе продолжи да биде активен лобист на патот кон реализација на ваквите стратешки цели. Тој посочи дека турската влада го поддржува и стимулира трендот на инвестирање на турски компании во Македонија.

На средбата стана збор и за проширување и унапредување на соработката во образованието и културата.

09.10.2014 - 18:17


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега